Повеќе македонски училишта свикаа вонреден совет на родители, психолозите советуваат состаноците да бидат редовна пракса

мај 5, 2023

Вонредни родителски совети се закажуваат во повеќе македонски училишта после трагедијата во Белград. Според информациите главна тема ќе биде како да се превенира насилство во образовните установи и да се подобри однесувањето на дел од децата. Професорката на Институтот за психологија Ана Фрицханд смета дека состаноците на родителите и наставниците треба да се случуваат во континуитет најмалку два пати во полугодието и да се разговара за потребите на учениците, а не само кога ќе има немили настани или за оценки.

-Јас лично сметам дека би било многу корисно да родителските совети не бидат свикувани само заради училишниот успех, туку дајте тематски нека биде, еве на пример тема за менталното здравје или некој аспект од животот, рзвојот, потребите на учениците, нека ги прашаат нив што им треба да слушнат нешто повеќе. Да дојдат родителите и да слушнат што има да им каже стручно лице за родителството за добрите релации со нивните деца,  изјави за Сител проф. д-р Ана Фрицханд, раководител на Институтот за психологија на Филозовскиот факултет – Скопје.

За да се превенираат трагедии како вчерашната во Србија, професорката Фрицханд вели дека родителите треба будно да го следат однесувањето на децата и секојдневно барем квалитетни 15 минути отворено да разговараат уште од најрана возраст.

-Тоа што велиме квалитетни 15 минути, да не бидам буквално сватена, ама барем 15 минути да поминеме во разговор како беше на училиште, како се чувствуваше, за убави работи, негогаш може да биде и задоцнета реакција. Треба континуирано да водиме сметка како се чувствуваме ние, тие што се со нас таму кај што сме дома, на работното место, вели професорката Фрицханд.

Професорката потенцира дека во зависност од возраста не сите деца сакаат да раговараат отворено со нивните авторитети – наставниците и родителите, но тие треба да се трпеливи и да им предочат дека се секогаш тука кога ќе им затребаат за надминување на било каква лоша ситуација.

ИЗВОР: СИТЕЛ

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: