Сумата која осигурителните компании ја исплатиле минатата година за штети се зголемила. Податоците кои ги објави Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека во 2022 година, друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 5.113.008 илјади денари.
Бројките говорат дека во споредба со 2021 година, сумата исплатена за штети е зголемена за 9,62 отсто.
– Во структурата на бруто исплатени штети, најголемо учество имаат штетите по основ на осигурување од автоодговорност со 43,2 проценти, потоа следуваат штетите за имотно осигурување со учество од 15 отсто, исплатените штети за осигурување на живот со 13 проценти, штетите за осигурување на моторни возила каско 10,7 отсто и доброволното здравствено осигурување со 8,3 проценти од вкупно исплатените штети. Во делот на осигурувањето на имот, значајно место зазема земјоделското осигурување со учество од 37 отсто и со вкупно исплатени штети од 283.131 илјади денари – се посочува во извештајот кој АСО го достави во Собранието.
Од АСО укажуваат дека, бројот на исплатени штети по основ на доброволно здравствено осигурување, го надминал вкупниот број на исплатени штети во доминатната класа на осигурување од автомобилска одговорност.
– И покрај високата фреквенција на штети во оваа класа на осигурување, сепак просечниот износ на исплатена штета е многу понизок споредено со истиот во најзастапената класа на осигурување. Ова е индикатор дека голем број од пријавите од осигурениците по основ на полиси за здравствено осигурување кон друштвата за осигурување биле за надомест на осигурени износи кои чинеле помалку од 10.000 денари по поединечен случај. Колку за споредба, просечно исплатената штета по основ на осигурување од автомобилска одговорност во 2022 година изнесувала 77.228 денари – се појаснува во извештајот.
Во 2022 година, до друштвата за осигурување се поднесени 5.490 претставки што е за скоро 4 проценти повеќе во споредба со 2021 година. Од вкупно поднесените претставки, 25,63 отсто се решени во корист на осигуреникот, а 59,29 проценти против.
– Осигурениците, корисниците на осигурување и трети оштетени лица имаат право да поднесат претставка и до АСО за работата на друштвата за осигурување и реосигурување, осигурително брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување, застапниците во осигурување и Националното биро за осигурување, но само доколку претходно писмено се обратиле до субјектот и притоа не се задоволни од одговорот или ако субјектот не одлучил по претставката и писмено не го известил подносителот на истата во законскиот рок од 30 дена од денот кога истата уредно ја примил. Во 2022 година, до АСО беа поднесени 256 претставки што претставува пораст од 24 отсто во однос на 2021 година кога беа поднесени 206 претставки – појаснуваат од агенцијата.
Од вкупно поднесените поплаки, 24,22 проценти се решени во корист на подносителот на претставката, а 55,47 отсто се решени негативно. Од вкупно поднесените претставки, 36,72 отсто се однесуваат за постапувања по договори за осигурување за автомобилска одговорност, 15,23 проценти за осигурување од незгода, 22,26 отсто за осигурување на имот и останатите се во врска со договори за осигурување од останатите класи на осигурување.
Најчести причини за поднесување на претставки до АСО, а во врска работењето на субјектите на осигурување, се: проблеми при примена на Европски извештај, незадоволство во однос на висината на износот на штета, различна судска пракса, спорни вонсудски спогодби, недостиг од критериуми за проценка на нематеријална штета, проблеми при склучување или обнова на договор за осигурување, недоволна комуникација за штетата со оштетените, необјаснување на условите под кои се склучува договорот за осигурување од страна на застапниците и др.