Кандидатот за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, ја истакна својата посветеност кон развојот на културниот живот во градот и поддршката на локалните уметници и млади таленти.
Јанков потенцира дека во неговата програма е предвидена посебна поддршка на културните настани, затоа што, како што вели, „културата е срцето што ја обединува заедницата“.
Во таа насока, најави започнување на иницијатива за регионален џез-фестивал, со јасна визија истиот со текот на времето да прерасне во меѓународен настан, кој ќе ја промовира Струмица како центар на современата музичка сцена.
Покрај тоа, Јанков најави и рок-фестивал со натпреварувачки карактер, каде младите групи и музичари ќе можат да се претстават пред публиката и да се натпреваруваат за награди во категории како „најдобра група“, „најдобра песна“ и „најдобар текст“.
„Со овие иницијативи ја градиме општината како место на креативност, младост и културен развој,“ истакна Јанков, додавајќи дека културата ќе биде важен столб во неговата визија за новата, модерна и динамична Струмица.