По повод навршувањето на првите 100 дена од преземањето на одговорноста за раководење со Општина Струмица, градоначалникот Петар Јанков упати јавна порака во која направи пресек на реализираните активности и ја нагласи насоката во која, како што посочи, ќе се движи локалната самоуправа во наредниот период.
Во обраќањето, градоначалникот истакна дека 100 дена не се доволни за решавање на сите проблеми, но се доволни за поставување јасна насока, демонстрирање на начинот на работа и испраќање порака за тоа каква општина се гради. Според него, првиот приоритет во изминатиот период бил стабилизација на системот – финансиска, организациска и институционална.
Како еден од клучните показатели, Јанков посочи дека финансиската состојба на општината е подобрена и дека е обезбедено салдо од над 111 милиони денари, што, според него, претставува сигнал за сигурност, стабилност и одговорно управување со јавните средства.
Паралелно, тој нагласи дека општината не избегала од наследените обврски. Во првите 100 дена, како што информира, исплатени се околу 18 милиони денари капитални субвенции кон јавните претпријатија, со цел нивно непречено функционирање. Дополнително, подмирен е долг од над 2 милиони денари поврзан со новиот градски парк во населбата Карпош, а извршени се и исплати за обврски за електрична енергија за уличното осветлување, како и обврски кон здруженија, институции и партнери на општината. Овие чекори, според градоначалникот, се конкретни мерки за враќање на довербата и воспоставување ред.
Во делот на институционалното функционирање, Јанков истакна дека општинските инспекциски служби работеле интензивно и координирано. Во овој период, како што наведе, спроведени се над 212 инспекциски надзори во повеќе области – од животната средина и јавната чистота, до градењето, сообраќајот, домувањето и образованието. Таму каде што биле утврдени неправилности, биле преземени мерки, при што тој порача дека редот и јавниот интерес остануваат приоритет.
Градоначалникот посебно го истакна и, како што рече, обновениот дијалог со граѓаните, бизнис заедницата, здруженијата и институциите, посочувајќи дека општината повторно станува „дом отворен за сите“.
Во обраќањето беа наведени и клучните фокуси во овој период: подобрување на комуналните услуги и јавната хигиена, поефикасна и подостапна општинска администрација, поддршка на образованието, спортот и културата, како и директна и искрена комуникација со граѓаните.
На крајот, Јанков потенцира дека претстои уште многу работа, но дека постои јасна визија – Општина што се развива рамномерно, во која институциите работат за граѓаните и каде иднината се планира. Тој изрази благодарност за довербата, трпението и поддршката, нагласувајќи дека првите 100 дена се само почеток и дека активностите продолжуваат „одговорно и храбро“, со цел Струмица да биде град со ред, стабилност и перспектива за секој граѓанин.
























