Агенцијата за електронски комуникации лани од двата мобилни оператора наплатила еднократен надоместок од 8,15 милиони евра или вкупно 16,3 милиони евра за лиценците за користење на радиофреквенциите за 5Г-мрежа. Ова се наведува во годишниот извештај на АЕК за 2022 година, но нема наведено за што ќе бидат искористени тие пари.
Мобилните оператори ги добија лиценците на период од 15 години, односно со важност до 2037 година.
– На 21 јуни 2022 година Владата се согласи со предлогот на АЕК еднократно по 5,25 милиони евра да се наплатат фреквенциите А2 713-723/768-778 МХз и А3 723-733/778-788 МХз 5.25 милиони евра и по 2,9 милиони евра да се наплатат фреквенциите Б2 3.6-3.7 ГХз и Б3 3.7-3.8 ГХз. На 30.6.2022 година е доставено известување до операторите за висината на еднократниот надоместок што треба да го уплатат врз основа на донесената одлука на директорот на АЕК и добиената согласност од Владата. Врз основа на известувањето до операторите за висината на еднократниот надоместок што треба да го уплатат врз основа на донесената одлука на директорот на АЕК и добиената согласност од Владата, операторите извршија уплата на надоместокот. Секој од операторите уплати по 8,15 милиони евра на сметката на буџетот на РМ. На 8.7.2022 година се издадени одобренија за користење радиофреквенции на постојните оператори – се наведува во извештајот.
Таму се образложува дека по интервенција на Комисијата за заштита на конкуренцијата, не учествувал трет оператор со искажан интерес за уште еден фреквенциски опсег. Интерес за тендерот за фреквенции за 5Г-мрежа првично изразија четири компании.
Повикот првично беше објавен во 2021 година, но Владата, иако претходно првично го одобри предлогот на АЕК, во септември таа година го стопираше со одлука со појаснување дека плаќањето треба да биде еднократно, а не на рати.
– Тие бараат да платат помалку пари за користење на фреквенциите и подолг рок на користење за да им се исплати инвестицијата, според претходните коментари во отворената расправа за сумата – стоеше во образложението.
Комисијата за заштита на конкуренцијата на почетокот од минатата година го блокираше тендерот на АЕК за 5Г-мрежата, затоа што условите за третиот предвиден оператор, кој требаше да влезе на домашниот пазар, биле неконкурентни.