Во организација на Здружението на граѓани „МОНГО КАМПИНГ“, по четврти пат успешно се реализираше настанот „Кампување 2026“, кој оваа година се одржа на планината Огражден, на локалитетот Црвено Поле.
На дводневниот настан учествуваа повеќе од 80 млади луѓе од струмичкиот регион и пошироко, кои преку дружење, активности на отворено и едукативни содржини дадоа свој придонес во зачувувањето на природата.
Како што информира заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов, новитет на годинашното издание било вклучувањето на пошумување како дел од програмата. Акцијата била реализирана заеднички со учесниците, под стручен надзор на вработените од ПШС „Беласица“ – Струмица.
Покрај пошумувањето, младите учесници активно се вклучиле и во чистење на дел од отпадот на планината, испраќајќи силна порака за одговорен однос кон животната средина.
Настанот бил збогатен и со низа спортски и рекреативни активности, како што се влечење јаже, трчање и скокање со вреќи, како и заедничко гледање филмови. Посебен предизвик претставувало и искачувањето на врвот Огражден, на надморска височина од 1746 метри, каде учесниците биле изненадени и од снежни врнежи.
Кампувањето завршило со заеднички ручек подготвен на отворено, кој, како што посочуваат организаторите, бил вистинско освежување по напорните активности.
Според Михаилов, ваквите настани се од особено значење бидејќи покажуваат дека младите, покрај дружењето и уживањето во природата, можат да придонесат и за нејзино зачувување, оставајќи позитивен пример за идните генерации.



























