Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека образованието претставува клучен приоритет за Владата, нагласувајќи дека токму преку вложување во знаењето се градат темелите на развојот и иднината на државата.
Во новата учебна година 2024/2025, за првпат по седум години, наставната година започна со навремено испорачани учебници. Над еден милион примероци се најдоа на училишните клупи на првиот училишен ден, а беа испечатени и повеќе од 100 нови наслови на учебници за средното стручно образование.
Во насока на подобрување на инфраструктурата, изградени се 7 нови училишни објекти, а 20 се целосно реконструирани. Дополнително, во тек е изградба на 4 нови училишни спортски сали.
Високото образование, како што информира премиерот, добива нови перспективи – се одблокирани проектите за изградба на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, а започнува и процедурата за изградба на универзитетски кампус при Универзитетот „Мајка Тереза“. Овој инвестициски циклус изнесува 2 милијарди денари.
Во областа на науката, за 2025 година обезбедени се 680 милиони денари буџет – што претставува двојно зголемување во споредба со 2024 година. За иновативни научно-истражувачки проекти се предвидени 274 милиони денари, наменети за јавните високообразовни и научни установи, МАНУ, како и за компаниите кои активно соработуваат со академската заедница.
Дополнително, се овозможи бесплатен пристап до престижните научни бази SCOPUS и Web of Science за сите студенти, професори и научници на државните универзитети.
Мерката за субвенциониран студентски оброк е проширена – отсега ќе ја користат и сите редовни студенти со приходи под минималната нето плата, како и постдипломските студенти.
Мицкоски потенцира дека годинава се обезбедени и повисоки плати: над 12% зголемување за наставниот и стручниот кадар во основните и средните училишта, како и 14% зголемување на платите за универзитетските професори.
„Ова е година во која ги градиме темелите на промените. За твоето и вашето време кое доаѓа“, порача премиерот Мицкоски.