Под влијание на плиток циклонски систем со центар над североисточна Европа, денес, понеделник (12 мај), се очекува дестабилизација на атмосферата во Македонија, информираат од Пожарникари-Струмица.
Според нивните најави, од пладневните часови па натаму ќе дојде до развој на грмотевични облаци на повеќе места во земјава, што ќе резултира со локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер во зоните на нестабилност.
Особено загрижува фактот што на одредени подрачја атмосферските процеси ќе добијат карактеристики на невреме, со поинтензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
Нестабилното време ќе продолжи и утре, вторник (13 мај), кога повторно се предвидува локална појава на грмотевични облаци со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност, особено при движење на отворено или во близина на водотеци и нестабилни терени, каде што постои ризик од поплави или оштетувања предизвикани од силниот ветер и потенцијалниот град.