strumica denes logo

Името на Епископот Јаков злоупотребено во измамничка шема на фејсбук профилот „Библиска Македонија“!

Автор:

Датум:

мај 20, 2025

Автор:

Датум:

мај 20, 2025

Струмичката православна епархија испрати соопштение до јавноста во кое со тага и огорченост предупредува за појава на измамничка шема преку социјалните мрежи, при што одредени лица користеле лажен црковен авторитет, претставувајќи се преку профилот „Библиска Македонија“. Според соопштението, измамниците продавале „молитви во тегли“ и книги лажно поврзани со викарниот Епископ Стобиски г. Јаков.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

До епархијата пристигнале поплаки од граѓани, меѓу кои и роднини на жртвите од трагичниот пожар во Кочани, кои, во потрага по духовна утеха, подлегнале на лажните тврдења и купувале од понудените „реквизити“. Од епархијата велат дека измамата е особено болна и бескрупулозна, бидејќи е искористена довербата и болката на луѓето кон Црквата и Епископот Јаков, додека преку измами се стекнувала бесправна материјална корист.

Во соопштението се наведува дека на Вибер каналот на „Библиска Македонија“ се промовирала и продажба на книга која наводно е со благослов на Владиката, без прецизирање за кого точно станува збор, со што повторно се доведувале во заблуда верниците. МПЦ – ОА и конкретно Струмичката епархија потенцираат дека ниту Митрополитот Струмички г. Наум, ниту викарниот Епископ г. Јаков некогаш дале благослов за продажба на книги или други производи.

Дополнително, се посочува дека измамниците лажно наведувале дека со купување на тие книги граѓаните поддржуваат наводна хуманитарна акција – алудирајќи на реалната епархијска акција „Топол оброк за сите“, која со години несебично помага на социјално ранливи категории.

Струмичката православна епархија веќе ја информирала надлежната полиција – СВР Струмица, со надеж дека сторителите ќе бидат наскоро идентификувани и изведени пред правдата. Јавно се повикуваат сите оштетени граѓани кои имаат докази за ваквата измама, да пријават во најблиската полициска станица.

Од епархијата испраќаат апел до верниците во иднина да внимаваат и секоја активност поврзана со Црквата да ја проверуваат преку официјалните канали – веб страната на Струмичката епархија mpc.org.mk, порталот и социјалните мрежи на Тивериопол.мк.

„Изразуваме длабоко разочарување што луѓето од ‘Библиска Македонија’ го злоупотребија словото на Епископот Јаков, односно словото на Црквата. Наместо да пребиваме во радоста на Воскресението, сведоци сме на нечовечност и манипулација,“ стои во крајот на соопштението.