Со растот на просечната плата годинава се зголеми и минималниот износ на К-15, кој изнесува 18.000 денари. Работниците во приватниот сектор имаат право на најмалку 40 проценти, а оние во јавниот – 30 проценти од последните три просечни плати. Исплатата мора да заврши до крајот на годината, а износот може да расте доколку платите продолжат да се зголемуваат.
Право на регрес за годишен одмор има секој што е вработен најмалку шест месеци, но во Општиот колективен договор постои одредба која им овозможува на фирмите со финансиски тешкотии да исплатат и понизок износ. Токму оваа клаузула е честа причина за критики, бидејќи дел од работодавачите ја злоупотребуваат.
Од Сојузот на синдикати предупредуваат дека за неисплаќање или незаконско намалување на К-15 се предвидени високи казни, а за фирмите што добро работат – нема ограничување колку ќе исплатат на своите вработени.























