Четири години предавања, многу потрошени пари за школарина и конечно стекната диплома, само за сето тоа да биде засенето од еден чет-бот.
Додека вештачката интелигенција сè подлабоко навлегува во работните места, сè повеќе млади од генерацијата З се прашуваат дали воопшто вредело да студираат. Според нов извештај на „Индид“, дури 49 отсто од младите што бараат работа сметаат дека нивната факултетска диплома веќе изгубила вредност поради појавата на алатките на вештачката интелигенција како „Чет-ГПТ“.
Во споредба со нив, само една третина од милениумците го мислат истото, додека кога станува збор за беби-бумерите, тоа чувство го има само секој петти, покажува извештајот на „Си-ај-о дајв“.
Технологијата не застанува. Компаниите ја прифаќаат вештачката интелигенција побрзо отколку што некој успева да го ажурира своето си-ви, а токму младите дипломци најмногу ја чувствуваат таа трансформација.
Истражувањето, спроведено од „Харис пол“ на барање на „Индид“, опфати 772 испитаници. Резултатите открија јасна генерациска разлика во довербата во сопствените кариерни перспективи. Најмладите учесници се оние што најмногу чувствуваат дека нивните знаења и образование се веќе застарени.
Дополнително, дипломата сè помалку се појавува како услов во огласите за работа. Со оглед на тоа што сè повеќе компании се откажуваат од барањето за високо образование, половина од генерацијата З изјавиле дека факултетот им е неисплатлива инвестиција.
– Секоја работа што денеска е објавена на платформата на „Индид“ најверојатно ќе биде погодена од генеративната вештачка интелигенција и промените што таа ги носи – предупредува Линси Фејган, советник за стратегии за таленти во „Индид“.
Работодавците веќе не бараат само добра диплома, туку луѓе кои знаат како да работат со новите технологии.
– За една организација успешно да работи со вештачката интелигенција, секој вработен треба да има барем основно познавање на вештачката интелигенција и како компанијата ја користи. Раководителите имаат клучна улога и треба да ги проценат своите тимови, да ги слушаат нивните потреби и да ги поддржат во развојот – додава Фејган.
Притисокот за приспособување е реален. Од почетнички позиции до највисоки менаџерски функции, вештачката интелигенција го менува не само начинот на кој работиме, туку и што точно работиме, како сме платени, па дури и кој ќе биде вработен.
Платформите за онлајн учење минатата година забележаа четирикратно зголемување на бројот на запишани на курсеви за машинско учење, инженерство со наредби и други теми поврзани со вештачката интелигенција. Компании како „Мајкрософт“ и „Гугл“ веќе нудат обуки за да ги подготват работниците за новата реалност.
– Ако сакаме да ја искористиме целата моќ на вештачката интелигенција, мора да вложиме во луѓето. Им треба практично искуство и поддршка за да ги истражат новите алатки и да ги применат во секојдневната работа – истакнува Фејган.
Се чини дека дипломите во иднина ќе бидат дигитални и ќе се викаат вештачка интелигенција.