Советникот во Советот на Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Никола Маџунков, излезе со јавна реакција во врска со поставената физичка бариера за велосипедска патека на улиците Маршал Тито и Братство Единство, која, како што вели, предизвикала сериозна загриженост кај стопанствениците во старата чаршија.
„Во современото општество, улогата на градоначалникот не треба да се сведува само на административни обврски. Тој треба да биде активен слушател на потребите и предлозите на населението,“ истакнува Маџунков, додавајќи дека за да се гради успешна и функционална општина, неопходно е градоначалникот да биде во постојан дијалог со граѓаните.
Според него, иако поставувањето на велосипедска патека на прв поглед изгледа како позитивен чекор во насока на развој на урбана вело-инфраструктура, истата може да има сериозни негативни последици врз функционалноста и естетиката на историската чаршија, но и врз работењето на стопанските субјекти лоцирани на овие улици.
Маџунков потсети дека низ годините во Струмица се забележани случаи на поставување урбана опрема на јавни површини што, според него, често се граничело со непочитување на важечките правила и регулации. Поради тоа, смета дека е крајно неопходно итно да се изнајдат конкретни решенија, особено додека се чека најавениот правилник од ЗЕЛС кој би требало јасно да ги дефинира процедурите за користење на јавни површини и поставување урбана опрема кај угостителските објекти.
„Мора да постојат јасни и транспарентни правила за уредување на урбаниот простор, со цел тој да биде и функционален и естетски прифатлив“, порачува советникот.
Дополнително, тој потенцира дека досегашното користење на урбаната опрема било одобрено со согласност од актуелниот градоначалник, што, според него, отвора прашања за транспарентноста и одговорноста при управување со јавните ресурси.
Поради сето ова, Д-р Маџунков побара свикување на итна седница на Советот на Општина Струмица, на која би се разгледале сите отворени прашања поврзани со велосипедската патека, урбаната опрема и користењето на јавните површини, но и на која, како што вели, граѓаните и стопанствениците конечно ќе добијат можност демократски и човечки да го искажат своето мислење.