Вградување на чип во мозокот кој може да ги преведе вашите мисли во компјутерски команди може да звучи како научна фантастика – но за Ноланд Арбо, тоа е реалност.
Во јануари 2024 година, осум години откако останал парализиран, 30-годишниот Ноланд станал првиот човек кому му бил вграден таков уред од американската невротехнолошка компанија „Neuralink“.
Тоа не бил првиот таков чип, неколку други компании исто така го развиле и го инкорпорирале, но случајот на Ноланд привлекол посебно внимание поради основачот на „Neuralink“, Илон Маск.
Но Ноланд вели дека овде најважна е науката, а не тој и Маск. Тој за Би-би-си изјавил дека ги знае ризиците од она што го прави, но „без разлика што ќе се случи, добро или лошо, моето учество ќе им помогне на другите“.
„И ако се случи нешто лошо, знаев дека ќе научат нешто од тоа“, додал тој.
„Немате контрола, немате приватност“
Ноланд останал парализиран од рамената надолу по несреќата со нуркање во 2016 година. Повредите биле толку тешки што тој се плашел дека никогаш повеќе нема да може да учи, да работи, па дури и да игра игри.
„Немате никаква контрола, немате приватност и тешко е. Мора да научите да зависите од другите за сè“, зборувал тој.
Чипот на „Neuralink“ сега се обидува да му врати барем парче независност овозможувајќи му да го контролира компјутерот со своите мисли.
Станува збор за таканаречен интерфејс мозок-компјутер, кој работи на тој начин што снима мали електрични импулси кои се појавуваат кога луѓето размислуваат за движење и ги преведуваат во дигитални команди, како што е движењето на курсорот на екранот.
Научниците работат на тоа со децении.