strumica denes logo

„Затекнавме сериозни пропусти“: ЈП „Паркиралишта“ – Струмица со јавна информација пред празниците!

Автор:

Датум:

декември 30, 2025

Автор:

Датум:

декември 30, 2025

ЈП „Паркиралишта“ – Струмица, пред претстојните новогодишни и божиќни празници, ја информираше јавноста за состојбата која ја затекнало новото раководство по преземањето на функцијата, посочувајќи дека констатираните проблеми нема да бидат изговор, туку задача што мора да се решава на дневна основа.

Од претпријатието наведуваат дека по извршената почетна анализа биле утврдени системски, технички и организациски недостатоци кои директно влијаат врз функционирањето на службите и квалитетот на услугите кон граѓаните. Како дел од предизвиците, посочуваат неoдржувани службени возила, што го отежнува секојдневното работење и извршувањето теренски активности.

Воедно, од ЈП „Паркиралишта“ – Струмица укажуваат и на проблеми во подземниот паркинг, меѓу кои дефектна рампа што создава безбедносни и финансиски ризици, како и неосветлен простор со директно загрозување на безбедноста на корисниците. Дополнително, како сериозен пропуст го наведуваат и нефункционалниот видео-надзор во подземниот паркинг.

Претпријатието информира дека се соочува и со недоволен број контролори за зонско паркирање, што, според нив, резултира со намалена контрола, финансиски загуби и незадоволство кај граѓаните. Посебно внимание во соопштението е посветено и на одделението за јавно осветлување, каде што, како што велат, магацините биле празни и без основни резервни делови и материјали за редовно и итно одржување, а истовремено постои и недостиг од кадровска екипираност.

Како дополнителен проблем, од претпријатието наведуваат отсуство на мотивација и нарушени меѓучовечки односи, што ја влошува работната клима. Од финансиски аспект, како што посочуваат, претпријатието се соочува со неисплатени фактури кои го нарушуваат ликвидитетот и ја компромитираат довербата кај добавувачите, како и со тужби од коминтенти поради неисполнети договорни обврски.

Во соопштението се наведува и дека постојат тужби кон Општината, вклучително и, како што оценуваат, апсурдна, но реална појава – ќерка-фирма да ја тужи мајката-фирма, што, според нив, укажува на длабоки институционални и управувачки пропусти од минатото.

Од ЈП „Паркиралишта“ – Струмица истакнуваат дека новото раководство е целосно посветено на стабилизација на финансиската состојба, враќање на функционалноста на клучните служби, подобрување на безбедноста и условите за граѓаните, воспоставување професионални и коректни меѓучовечки односи, како и целосна транспарентност пред јавноста.

Во пресрет на празниците, од претпријатието упатија апел до граѓаните за уредно паркирање и почитување на правилата за сообраќај во мирување, со цел да се избегнат сообраќајни гужви, особено во период кога, како што велат, секој брза и има обврски и потреба од посети.

На крајот, од ЈП „Паркиралишта“ – Струмица на граѓаните им посакаа среќна и успешна Нова 2026 година.