Бранко Ѓоргиев, директор на НУ Завод и музеј – Струмица, денес изврши увид на археолошките истражувања кои се спроведуваат на локалитетот „Св. 40 Севастиски маченици“, во близина на селото Банско.
Археолошкиот проект се реализира под стручно раководство на д-р Душко Цветанов, археолог и виш кустос во институцијата. Истражувањата се дел од годишната програма на НУ Завод и музеј – Струмица и се финансиски поддржани од Министерството за култура и туризам.
Според Ѓоргиев, локалитетот има големо значење за откривање на духовното и културно наследство на регионот и зајакнување на туристичкиот потенцијал на општина Струмица. Тој ја изрази својата поддршка за континуирано и систематско истражување на ваквите значајни археолошки места.
Проектот има за цел да се документираат и заштитат археолошките остатоци на просторот каде што, според преданијата, се наоѓала црквата посветена на четириесетте севастиски маченици – светци што се чествуваат со особено внимание во православната традиција.
Археолошките истражувања ќе продолжат во наредниот период, а стручниот тим очекува да се добијат нови сознанија кои ќе го продлабочат разбирањето за историското минато на струмичкиот крај.