Здружението за помош и поддршка на лицата со попреченост „Вера“ – Струмица и оваа година ја организира традиционалната хуманитарна модна ревија, која по деветти пат ќе ги обедини лицата со попреченост и познатите јавни личности во едно исклучително хумано и емотивно случување.
Под мотото „Убави сме, Свои сме“, манифестацијата ќе се одржи во сабота, на 29 ноември 2025 година, со почеток од 19:00 часот, во големата сала на Ресторан „Ројал Парк“ во Струмица.
Настанот традиционално има за цел да ја подигне јавната свест, да го промовира достоинството и правото на еднаквост, како и да ја истакне убавината и уникатноста на секое лице со попреченост. Младите и возрасните учесници ќе прошетаат по пистата придружувани од познати јавни личности, испраќајќи силна порака за прифаќање, инклузија и заедништво.
Организаторите од Здружението „Вера“ порачуваат дека и оваа година манифестацијата има една јасна цел, заедно да создадеме поубаво место за живеење, во кое различностите се предност, а поддршката е вредност што нè поврзува сите.

























