ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА: Од понеделник на полноќ немаме телевизија!

февруари 27, 2020

Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори, денеска донесе заклучок да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, вечерта на полноќ. Исклучок ќе бидат каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и собранискиот канал.

Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните – соопшти попладнево Здружението.

Најавуваат дека заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила, како што велат, спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија. Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да наплаќаат за ТВ услуги за периодот додека трае прекинот.

Според соопштението, операторите се заинтересирани и подготвени, како и до сега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење, во изнаоѓање на прифатливо решение во најкраток рок, со што би се избегнале натамошни штети за целата јавност.

Ваквиот заклучок на членките на Здружението на ИКТ, стои во соопштението, е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието на РСМ ги донесе на 16 месецов, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

Имено, законските измени на операторите им наметнуваат обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност за туѓи дејствија. Поради тоа, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на Законот поради активности кои не се под нивно влијание – стои во соопштението.

На 21 месецов повеќе оператори поднесоа заедничка Иницијатива до Уставниот суд за поништување на според нив спорните одредби како неуставни и побараа донесување времена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени, поради нивна неуставност.

Во изминатите неколку денови Здружението на ИКТ ги информирало и претседателот на државата, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, ресорните министри во Владата, АЕК, АВМУ, дипломатскиот кор, Делегацијата на ЕУ во земјава, Европската комисија, странските и домашните радиодифузери и домашната и меѓународната јавност, а беа одржани и средби во Владата и Собранието, со цел, како што велат, да се изнајде решение за ваквата ситуација, согласно регулативата. Здружението притоа потенцирало дека законски измени се спротивни на ЕУ-директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што, како што тврдат, имаат добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Претходно денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека е оптимист дека ќе се најде решение, но и дека очекува позитивен ефект од стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во атмосфера на прилично голема недоверба меѓу операторите и радиодифузерите, укажа ресорниот министер, сите сме приморани да седнеме на маса и да најдеме брзо, ама реално решение за проблемот.

Интензивно комуницираме на темата со радиодифузерите и операторите сега и пред декември 2018 година и сме имале бројни состаноци за да се обидеме да најдеме решение. Законот се донесе со целосен консензус во Собранието и го поддржаа сите политички партии и со договор помеѓу радидифузерите и операторите. Проблем е на сите тоа што во овие повеќе од една година никој ништо не направи за да се подобри состојбата. Сега се обидуваме да најдеме решение кое ќе значи средување на состојбата, но без да има штета на грбот на граѓаните и корисниците на услугите. Уверен сум дека такво решение постои и оти ќе го имплементираме – рече Манчевски.

Доколку сите ги почитуваат законите, посочи, ќе нема проблем, а тоа што не се почитуваат законите и Владата и државата ги наведуваат кон решенија во кои мора дополнително да се регулира нешто што е јасно – не треба да се емитува или реемитува нешто за што нема авторски права.

Најавата за прекин на реемитување на сите ТВ канали, со исклучок на тие на јавниот сервис, петте национални телевизии при Македонската медиумска асоцијација вчера ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: