Здрава Котлина: Еуромакс Ресурси продолжува со шарените приказни за мали деца

мај 24, 2018

На соопштението за отварање на работни места од страна на Еуромакс, со соопштение реагираа и од иницијативата Здрава Котлина. Во продолжение во целост Ви ги пренесуваме сооштението на Здрава Котлина.

,,Еуромакс Ресурси продолжува со шарените приказни за мали деца и воедно не води сметка за се што кажал претходно – односно излажал некогаш. Навистина смешно е кога не можат да се договорат самите со себе колку ќе излажат. Имено во различни нивни јавни соопштенија имаат различни неконзистентни цифри од ракав извадени.

На пример на 12 Април 2018 излегоа со тврдење за 3200 директни и индиректни работни места во првите две години, за на 23 Мај 2018 да излезат и кажат дека ќе има 488 директно вработени и 3 пати повеќе дополнителни работни места ( 3 х 488 = 1464 ). Е сега што 3200 не е 1464 тоа не е битно, зошто шарените приказни се сепак само приказни.

На крај можеби ќе излезат само 100 вработени зошто во декември 2018 треба да вратат 15 милиони евра заем што требаше во април 2018 да го вратат ама немаат пари.

Но приказните и манипулациите немаат крај.

Еуромакс тврди дека ќе се 3.200 директни и индиректни работни места каде просечната нето плата би била 16.000 евра на годишно ниво. Тоа е просечно по 1333 евра нето плата месечно односно 2000 евра бруто. Понатаму тврдат дека по основ на даноци и концесиски надомест од проектот во Македонија ќе се инкасираат 528 милиони евра или просечно на годишно ниво околу 24 милиони евра. Уште повеќе тврдат дека за различни економски активности во следните 22 години ќе бидат потрошени 1,6 милијарди евра во локалната и во националната македонска економија или 74 милиони евра на годишно ниво.

За момент да речеме дека е така, но што е со табелите, буџетите и цифрите од нивните документи? Ако просеците се овие што ги спомнувате, а од студијата ги гледаме табелите за работници како и државни генерирани приходи по сите основи, тогаш лонците се многу измешани со баби, жаби и неутрина. Шала на страна, математиката и логиката кажуваат дека некој овде лаже или е многу збунет.

Имено на македонската верзија вкупните годишни трошоци за персоналниот данок на личен приход со стапка од 10% е пресметан со просечна вредност од 2,1 милион евра што би значело дека вкупните просечни трошоци за нето плати би биле 21 милион евра. Односно за 500 вработени, пресметано за 12 месеци, тоа би било НЕТО плата од 3500 евра месечно.

Прашајте ги вработените дали земале просечно 3500 евра на месец?

Понатму во англиската верзија имаме вкупно пресметан буџет за трошок за труд од вкупно 8 милиони евра на година. За 500 вработени, за пресметани 12 месеци, тоа е 16000 евра годишно, односно 1333 евра БРУТО ТРОШОК, не е НЕТО ПЛАТА. Приметете убаво дека има колона годишна основна плата, годишен оверхеад (општ вкупен трошок), годишен трошок за труд, вкупен годишен трошок за труд.

Значи повторно замајување и манипулирање, што произлегува дека просечната месечна нето плата не е ниту 3500 евра, не е ниту 1333 евра туку е подолу во рангот од 600 евра од 1000 евра. И повторно, бидејки е просечно, тоа значи дека далеку многу повеќе работници земале 300 евра, а многу помал број работници земале 1000 евра.

Ако не верувате погледенте ги сите табели на сликите и самите направете си математика, но не заборавете да ги прашајте поранешните вработени чии плати каснеа со месеци.

Приметете дека странците ги заземаат најдобрите работни места но не е мал бројот на нелокално население што ги заземаат подобрите места. Според тоа локалното население се третира како потрошно топовско месо што ќе работи директно со отровите.

После гледањето на табелите и вежбањето математика, прашањето што природно ќе си го поставите е следно: овие лажат сега, лажеа пред еден месец во ПР натписот или лажеа тогаш во студиите?

Одговорот е дека СЕКОГАШ лажат со една единствена цел – златото да го земат и да ни наплатат со отрови.

Разбудете се додека има време!” – стои во соопштението на Здрава Котлина

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: