ЗАЕВ ВО СТРУМИЦА: ЌЕ ИМА ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ ПО 30-ТИ СЕПТЕМВРИ, СТРУМИЦА Е ВО ЕВРОПА

септември 24, 2018

„Струмица е во Европа, ајде Македонија да ја внесеме во Европа!“ ги повика своите сограѓани струмичани Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на граѓанскиот собир којшто се одржа на преполниот плоштад во Струмица зборувајќи за европската симболика којашто го краси струмичкиот плоштад на кој пред 11 години се поставени знамиња на земјите од ЕУ, на кој дефилираат гости и маски од европски земји на познатиот Струмички карневал и кој ја шири космополитската пораката на Гоце Делчев дека светот е место за културен натпревар меѓу народите.

Премиерот Заев се обрати пред струмичани на струмички дијалект и порача дека македонскиот јазик кој е богат со дијалекти ќе биде признаен во целиот свет и со членството на земјата во ЕУ и НАТО ќе биде и официјален јазик на Европската Унија.

„Нашиот јазик е богат со дијалекти и останува за век и веков.

И после 30-ти во Народната гимназија „Јане Сандански“ ќе се учи на македонски јазик.

И после 30-ти во Домот на културата „Антон Панов“ ќе се пеат песни на македонски јазик, ќе се промовираат книги на македонски јазик, ќе се играат македонски ора, ќе се промовираат претстави на македонски јазик.

Пред споменикот на Гоце Делчев или пред споменикот на Благој Јанков Мучето или на претседателот Борис Трајковски ќе држиме уште говори на македонски јазик.

Различно ќе биде тоа што нашиот македонски јазик ќе биде еден од официјалните јазици на Европската Унија.“ рече премиерот Заев во своето обраќање.

Зброувајќи за придобивките од членството на земјата во ЕУ и НАТО тој потенцираше дека интеграциите ќе придонесат кон развој на економија од која граѓаните ќе почувствуваат многу економски придобивки и подобар квалитет на живот.

„И НАТО и ЕУ носат економија. Носат поголеми плати и прогрес. Секаде во сите земји коишто станале членки на ЕУ и НАТО неколкукратно се зголемиле странските директни инвестиции.

Во соседна Бугарија бројката на невработеност од 17.5% се намалила на 5.3%. Просечната плата од 244 евра, денеска е 530 евра. Во Романија платите се зголемиле за 400%.

Биле создадени услови за достоинствен живот на граѓаните дома во својата земја. Огромни се придобивките и за земјоделците, и за нашата локална самоуправа, и за здравството и за образованието и за социјалната заштита.“

рече премиерот Заев кој ги повика струмичани на 30-ти септември да донесат одгворна одлука бидејќи како што рече тој историјата ја испишуваат оние ке преземаат акција.

На граѓанскиот собир во Струмица се обратија и атлетичарот и репрезентативец Ване Стојанов и претставникот на бизнис заедницата, Тони Костов кои зборуваа за важноста на историската одлука за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО што ќе придонесе за забрзан развој на бизнисите и за подобрување на условите за развој на спортот во нашата земја.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ