ЗА МНОГУ ГОДИНИ МАКЕДОНЦИ: Денеска е Свети Климент Охридски Чудотворец

декември 8, 2018

Христијанството го има големиот свети апостол Павле како камбана на верата, а ние ги имаме и него и свети Климента. Таква била Божјата промисла, Македонија, од каде што почна апостол Павле во Европа, ги даде светите браќа Кирил и Методиј, и преку делото свети Климент и свети Наум Охридски, постана расадник на словенската црковно-просветна и книжевна дејност.

Таков – свет е нашиот почеток. Со свети апостол Павле започна нашето охристовување и христијанизацијата, а со свети Климента – нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сè.

Ниедна личност не е толку сврзана со овој народ, како што е свети Климент Охридски. Затоа, го нарекуваме наш најголем светител, просветител и учител.

Неговиот успех е плод на ученоста и побожноста. Тој бил „учител”, како што бил учител Господ Исус Христос, а тоа значи дека го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер, пастир и првосвештеник.

Односот на Господа Исуса Христа кон апостолите, за свети Климента бил личен пример за неговото однесување кон учениците. Тој другарувал со нив. Постојано биле заедно. Живеел со нив. Со кротост и со татковска љубов се однесувал кон нив, а тие, пак, му возвраќале со полно послушание и со синовска одаданост, како што се вели во житието: „Го слушаа како татко.” Свети Климент љубел со срце, не – со уста. Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и неговото духовно влијание врз нив, многу значело во нивната возраст, додека тие се формирале како личности и како Христови пастири. Ја гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност и строгиот подвижнички живот на својот учител. И затоа, запишале: „Ние никогаш не го видовме да е без работа”.

Неговата успешност е и во тоа што тој бил од овој народ и ги познавал сите што ги учел. Ако тој бил некој дојденец: Елин или Латин, некој Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи на учениците, а ниту тие ќе можеле да го сметаат за толку близок.

Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска, духовна и душегрижничка. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета (prosvyÃenie = prosvetenie). Станува почеток на нашата средновековна книжевност. Неговите творби се најубавите дела на старомакедонскиот словенски јазик и писмо.

Животот го посветил на Бога и на народот. Знаејќи дека не може секаде да појде и да му послужи на својот народ, свети Климент го основал Охридскиот универзитет, кој е првиот словенски универзитет и прв универзитет во Европа.

На Светиклиментовиот универзитет се изучувале сите тогашни науки. Се создавала нова книжевност и просвета. Во Европа влегла христијанската цивилизација на новиот јазик на Словените. Започнал новиот период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично – културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација.

Што го натерало свети Климента на оваа посветеност? – Двете најголеми евангелски заповеди: Љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Свети Климент ги исполнил овие две заповеди: ја покажал љубовта кон Бога – со тоа што животот го посветил на Бога; а љубовта кон луѓето – ја искажал во душегрижништвото за народот. А, во основа на сè е тоа што тој библиски приоѓал на сè и затоа богомудро, решавал сè. Библијата била основа на сè што мислел, што зборувал, што пишувал, што творел и како живеел. Затоа постанал тоа што е – Божји светител и народен просветител. За сите прашања од животот, ја користел Библијата и учењето на светите отци.

Многу јасно и едноставно го поврзувал Божјиот збор со светот и со животот на луѓето. Такви биле неговите беседи и слова. Во нив ја искажувал Христовата порака до луѓето. Им објаснувал што е човекот, според христијанското учење – и барал да ја исполнат својата човечка и христијанска цел. А која е таа? – Да бидат добри и човечни. Со љубов кон секого. Да се усовршуваат во доброто, во љубовта и во светоста. На тоа сме повикани од Бога. Така се доаѓа до спасението и до светоста. Таков е нашиот живот во Христа. А Христос дојде на земјава и ни даде пример за совршен човечки живот. Ова им го кажувал свети Климент на луѓето, во своите поуки. Неговата проповед била сеење на словото Божјо. Тој се раководел според правилото: „Или не поучувај, или поучувај со својот живот. Инаку, со зборовите ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш.” Како што говорел, така и живеел. Се што било изговорено, било и потврдено во неговиот свет и богоугоден живот и дело. Поучувал и со збор и со личен пример.

Не проповедал само в црква или на богослужба, туку секогаш и секаде. Одел кај луѓето, по нивните места, ги посетувал и дома и на работа. Ги поучувал, им помагал. Знаел како да ги придобие за верата, за Христа, за Евангелието и за евангелскиот живот. Им говорел кога биле собрани заедно, но зборувал со нив и одвоено: и со мажите и со жените, и со старите и со младите, а и со децата – и на сите им посочувал, што е тоа во Евангелието, а што тие дотогаш не го знаеле и каква светлина можат да доживеат, ако проникнат во спасителното дело на Господа Исуса Христа. И уште повеќе – од какво значење ќе биде тоа за нивниот личен живот, за разбирањето, за радоста, за семејството, за доброто, за взаемната љубов и почит.

Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: