Викарен Епископ Јаков: ЖРТВЕНА ПРЕГРАТКА! (На крстот страдаш и ги љубиш другите)

април 1, 2019

На Крстопоклона недела, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков отслужи Божествена Литургија во манастирот „Свети Георгиј Победоносец и свети Антониј Велики“, во Ново Село. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Жртвена прегратка

По неизмерната Божја милост дојдовме до Крстопоклоната недела од светата Четириесетница, во која Црквата Христова го изнесува Крстот Христов на средината од храмовите за да му се поклониме и да се потсетиме дека целиот наш живот во Црквата е сеќавање на сѐ што Христос направи за нас.

Но, има една светотаинска димензија, во која тоа не е само голо сеќавање и спомнување за нешто што се случило во минатото, на фрагменти од човековата историја, туку активно учество во домостројот Христов, во сето она што стана и во сето она што не е остварено во историјата, кое сепак го доживуваме како остварено од перспектива на Царството Божјо, на вечноста, на литургијата.

Денес пееме: „на Крстот Твој му се поклонуваме Владико, и Твоето свето Воскресение го славиме!“

Според зборовите на свети Григориј Палама, Црквата нѐ повикува да ги приклониме колената пред Крстот Христов – но не само колената, туку и срцата.

Ако ги приклониме колената, а во срцето свое, во вистинскиот храм во кој Бог се вселува, не го поставиме Крстот, сме го промашиле суштинското значење на празникот, затоа што тоа го иконизира ова изнесување на Крстот во средината на храмовите на Црквата.

Знаеме што пишува во Светото Писмо, дека Бог не живее во ракотворни храмови, туку дека за Себеси соѕида храм – светилиште, а тоа е човековото срце. И, ако таму Христос не Го поставиме, ако таму не Му се поклониме, ако во срцето свое не се распнеме со страстите свои и похотите, ништо не сме направиле.

Знаете дека секогаш сум ве повикувал да не се задржувате на формата и симболиката, туку да ја надминете, и зад симболизмот на сѐ што правиме во Црквата да се стремите кон суштината и секогаш да ја согледувате.

Оти, во спротивно, сѐ што правиме во Црквата наликува на театар, во кој ние сме само обични набљудувачи. Но, не е така – ние сме повикани да станеме учесници во Крстот Христов, како што вели свети апостол Павле (види: Гал. 2, 19–20).

Активното учество во Крстот Христов, преку носењето на нашиот личен крст, го осмислува нашиот живот и му дава вистинска смисла и вистинска радост.

Ги слушнавме зборовите Христови од денешното евангелско четиво: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене?“ (Матеј 10, 38).

Многупати е кажано дека нема Воскресение без крст, смрт и погребение. Нема љубов без жртва. Ова не се зборови на некој себичен и садистичен Бог, Кој сака ние да страдаме и да носиме крст низ сите дни на нашиот живот.

Тоа се зборови на љубовен Бог, Кој Својата љубов кон паднатиот човек ја пројави преку страдање. Всушност, Тој и нѐ создаде во форма на крст. Човекот, по формата, по анатомијата на своето тело, го претставува крстот.

Поради тоа што Бог, во Своето предзнаење при создавањето на човекот, како прототип Го имаше Христос велат Светите отци, го виде нашиот пад, и во Своето предзнаење ги виде Крстот, искупувањето и спасението на паднатиот човек.

А, ние упорно не сакаме да бидеме распнати и рацете свои ги држиме во грч, како човек кој не сака да страда, како дете кое се одвраќа и цврсто ја стега устата не сакајќи да се напие горчлив сируп, кој воедно е лек за неговата болест.

Така, и ние ги држиме своите раце во грч, не сакајќи да ја земеме формата на крстот, да се предадеме на Божјата волја, смирено да го земеме крстот свој и да одиме по Христос.

Нашиот подвиг во Црквата е стремеж да се вподобиме и да станеме слични на Христос.

Како, ако не се распнеме?

Како бараме да бидеме совоскреснати со Него?

На Пасха ќе пееме една убава стихира од свети Јован Дамаскин, кој вели:

„Вчера се сораспнав со Тебе, Спасе, вчерасе сопогребав со Тебе, Самиот Ти воскресни ме и во Царството Твое прослави ме“.

Просветлените и мудри Свети отци го знаеле вистинскиот пат – нема воскресение без распнување.

Знаете ли зошто? Поради тоа што нема љубовна заедница без доброволно распнување од наша страна.

Ако не сме распнати, сораспнати со Христос, не можеме да одговориме на љубовта Негова. Видете ја оваа прегратка за целиот свет, раширена на Крстот –болна и страдална, жртвена прегратка.

Како ќе одговориме на таа прегратка ако и самите не се распнеме и не ги рашириме рацете?

Само раширените раце во форма на крст, преку доброволен подвиг, преку доброволни страдања и трпење со благодарност на неволните страдања што доаѓаат во нашиот живот, можат да пристапат во пресрет на истата божествена љубовна прегратка.

Тогаш доаѓа до заедница помеѓу Бог и човекот. Но, само преку крстот и никако поинаку. Само од крстот може вистински да се љуби и да се прегрне Бог и секој човек.

На крајот, како кулминација на сѐ и остварување на смислата на нашето постоење е да се прегрне Бог и Бог да го прегрне човекот.

Оној што не сака да страда и не сака да се распнува бегајќи од крстот, не е ништо друго, туку обичен наострен колец, обична мотка, смртоносно копје, кое не може да љуби и да прегрне, туку само може да го повреди другиот.

Тајната на Крстот е поинаква.

На крстот страдаш и ги љубиш другите. Никого не повредуваш, туку своите рани и страдања ги принесуваш како доказ за љубовта кон сите и кон сѐ.

Од крстот се учиш да ги љубиш непријателите, повторно слично на Бог.

И, од крстот не слегуваш до последниот миг од својот земен живот, знаејќи дека токму тоа е тајната на спасението и дека, слично на твојот Бог – од крстот те симнуваат, а самиот не се симнуваш.

Овие прекрасни зборови му ги открил Распнатиот Бог на еден просветлен и свет отец – Старец Софрониј од Есекс. Огромно значење има она што Светите отци ни го оставиле во наследство.

Не е само да се поклониме и да го целиваме Крстот, а да не знаеме што значи тоа. Да се потрудиме да се сораспнеме со Христос и да се охрабриме на страдање, во борба со страстите.

Острастената душа страда силно спротивставувајќи им се и не задоволувајќи ги страстите, но само тогаш живее вистински – умира за гревот, а живее за Христа.

Видете го животот на Пресвета Богородица и Нејзиното доброволно распнување пред да биде распнат Нејзиниот Син и Бог. Воопшто не можеме ни да замислиме низ што сѐ поминала, затворена во храмот како во гроб, од Својата трета година, па сѐ до најзначајниот и клучен миг во човековата историја – воплотувањето Христово, кога Ѝ вели архангел Гаврил:

„Ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син“ (види: Лука 1, 24–38). Богородица не застанува во грч и не се опира на тие зборови, иако нам, додека го читаме Евангелието, ни се чини тоа така, лесно и безопасно.

Знаете ли што значело во тоа време да носиш дете во утробата, а да не се знае кој му е таткото?

Тоа значело сигурна смрт и каменување според Мојсеевиот закон. Тоа значело срам, прогонство од заедницата на луѓето, крст, страдање.

И што прави Богородица?

Кога ги изговара тие зборови, слободно можеме да видиме дека зазема положба на распнат човек кој целосно се предава на Божјата волја:

„Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои“. Христос не се воплотил во утробата и срцето на Богородица без Таа да биде претходно распната и без да страда.

Не очекувајте во нашиот живот да се случат чуда, очистување на срцето, преобразување на страстите, просветлување на умот и спасение (обожение) на личноста, ако не се распнеме и ако бегаме од крстот.

Тоа значат овие силни зборови Христови, собрани во една реченица: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“.

Не го разбирајте тоа поинаку.

Бог сака да го прегрне сето човештво на Крстот, а Воскресението е само последица на таа животоворна љубов, пројавена на Крстот. Таква прегратка Бог очекува и од наша страна – љубовна прегратка која страда и крвари.

Но, да не ме разберете погрешно и да си помисли некој дека нашата прегратка може да биде слична на Христовата. Тоа е недостижно за човекот.

Бог пострада доброволно, иако „грев не стори и лага не се најде во устата Негова“, додека ние на нашиот крст сме приковани и страдаме поради нашите страсти и гревови.

Не плашете се да страдате, оти човекот што се плаши да страда и да се жртвува никогаш нема да му објави војна на ѓаволот и на гревот, нема никогаш да научи да љуби и никогаш нема да биде вистински љубен.

Оти, љубов примаме зависно од тоа колку сме подготвени да страдаме, а оној што силно љуби, истовремено силно страда и се жртвува за другите.

Лицемерно е да зборува за љубовта човек кој не страда, и што не го зел крстот свој и не оди по Христос. Не сакаме да го носиме Крстот Христов и не одиме по Христос ако не живееме во послушание кон својот духовен отец.

Се одрекуваме од Крстот Христов ако на прекорот враќаме со гнев и бунт, праведен или неправеден, без разлика.

Се одрекуваат од Крстот Христов децата кои се непослушни кон родителите, оти Христос, иако Бог, ни покажа пример на послушание кон родителите и сѐ до Својата триесетта година им беше послушен на праведниот Јосиф и на Својата Пречиста Мајка.

Се одрекуваме од Христос и не одиме по Него, ако не живееме во согласност со Преданието на Црквата и во согласност со Евангелието.

Вистинско почитување и вистинско поклонување на Крстот Христов во нашиот живот ќе се случи тогаш кога доброволно ќе го земеме својот крст со благодарност кон Бог.

А, веќе сме го зеле штом сме се родиле во овој свет на страдање и болка. Прашањето не е ниту дали ќе го носиме или не?

И ќе го земеме, и ќе го носиме, и ќе бидеме распнати на него, а дали ќе биде спасителен за нас зависи од нашиот однос кон Крстот и кон Распнатиот на Него.

И едниот и другиот разбојник беа распнати поради истите престапи. Истата казна, истата агонија и болка, истиот крст.

Едниот го прифаќа крстот и вели дека е праведно осуден за своите гревови, и токму од крстот во Распнатиот Исус од Назарет Го препознава Господ, и Бог го забележува него и го воведува во рајот прв.

На крстот доаѓа до средба помеѓу Бог и човекот, на крстот се спасува човекот, на крстот станува жител на рајот, но исто така од другиот разбојник видовме како на крстот човек може да Го промаши Бог, Кој е смисла на неговото постоење.

Никој не може да страда ниту миг, и со најмало човечко страдање и болка, ако Божјата благодат не го поткрепи.

Но, благодарноста за страдањата е исклучително плод на нашата слободна волја. Секако, мислиме на аскетската, која секогаш ѝ претходи на благодатната.

Нашето спасение е Божјо дело, а не човечко. Носењето на нашиот крст не нѐ спасува, туку Крстот Христов и милоста Божја.

Но, со носењето на нашиот крст пројавуваме мал и безначаен акт на љубов од наша страна кон Бог – дека сме подготвени да љубиме, да страдаме и дека сме ја разбрале тајната на Крстот Христов.

Сѐ друго Бог ќе заврши. Ние сме немоќни; всушност, тоа и значи носењето на крстот – човек да ја признае, да ја прифати и да ја разбере својата немоќ.

Ова Бог ни го покажа како Човек кога Му велеа:

„Ако си навистина Син Божји, слегни од Крстот и спаси нѐ и нас!“ (види: Матеј 27, 40). Бог можел во миг да го направи тоа. Бог можел да одбере и друг начин да го спаси родот човечки, не преку крст и страдање.

Но, Бог за да ни покаже пример благоволил во Својата семоќ да покаже човечка немоќ на Крстот, која достигнува кулминација во Неговите зборови:

„Боже мој, Боже мој! Зошто си Ме оставил?“ (Матеј 27, 46), сѐ заради нас и наше спасение. А ние упорно го правиме спротивното.

Господи, дај ни сила да ги разбереме животворните зборови Твои, дај ни усрдност и ревност да го земеме крстот свој и да одиме по Тебе.

Слушнете, Бог вели: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене…“

Веќе видовме дека крст може да се земе и да не се оди по Христос. Ние во Црквата би требало да знаеме по Кого одиме и Кого следиме, и во Чиј Крст земаме учество, оти само учествувањето во тој Крст и чекорењето по Христос, Спасителот и Бог наш, ќе ни донесе вечна радост, вечна љубов и вечен живот, спасение и победа над смртта.

Господ да нѐ укрепи сите на тој пат и да нѐ удостои да го видиме Неговото славно Воскресение, преку распнувањето, крстот, смртта и погребението.

Викарен Епископ Јаков Стобиски

(според записот на присутните)

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: