“Православни христијански светилишта распраскани низ величенствени природни предели е еден од најчестите синоними кога станува збор за Македонија.
Изобилството на ранохристијански базилики, цркви и манастири на територијата на Македонија не е за изненадување, ако се земе предвид дека токму од овде, светиот Апостол Павле почна да го шири Христијанството низ Европа.
Со првата покрстена Македонка, Лидија, Македонците стануваат првите Христијани во Европа, а Македонија – портата низ која Христијанството влегло на овој континент” – со овие зборови новинарката на Македонската Радио Телевизија, Марија Котовска ја започнува репортажата од црквата Свети петнаесет тивериополски маченици во Струмица.
Во оваа црква се наоѓа и најстарата ранохристијанска базилика која датира уште од III век.
Ова свето место се смета за почеток на монашкиот живот во Македонија, а христијанството тука постоело уште пред доаѓањето на Светите петнаесет тивериополски маченици.
Во репортажата на МТВ се зборува уште и за манастирите во Водоча и Велјуса, кои се едни од најстарите светилишта на територијата на Македонија и место од каде потекнува познатиот македонски крст.