ВИДЕО: Кого одбра нашата Александра Јанева во новиот спот?

април 24, 2019

По подолго време поп-пејачката Александра Јанева се врати на баладите. Новиот сингл со наслов „Се одбирам себе“ е емотивна љубовна приказна и второ по ред авторско дело на тандемот Јанева-Стојановски.

Аранжманот и продукцијата се на Иле Спасев. Дел од екипата која работеше на проектот е и Јана Бурче, во улога на текстописец на баладата.

„Не верував дека „Се одбирам себе“ ќе стане втората кантавторска песна која ќе се најде на мојот деби албум, сè додека не го добив одличниот текст од Јана. На крај, целосната приказна позади песната одлично ја екранизираа моите соработници од Pinestel продукција со кои одлично се познаваме“, раскажува пејачката.

Видеото за песната е снимено на повеќе локации во Отешево и Преспа. Иако реткост, на овој видео-запис Александра се појавува во друштво на Андреј Пајмакоски од студиото „Models In“. За нивниот изглед се погрижи познатата стилистка Милена Танаскоска.

Изминатиот период, Александра Јанева објавуваше песни на секои три-четири недели. „Се одбирам себе“ е третиот сингл во низа по неодамна објавените „Срце отвори“ и „Одговор“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: