Убавината на Манастирот Света Богородица Милостива – Вељуса

февруари 15, 2019

Манастирот „Св. Богородица Елеуса“ се наоѓа во селото Велјуса на околу 7 км. западно од Струмица и е подигнат на бигореста карпа. Манастирот е основан во 1080 година од сопствени средства на монахот Мануил, кој подоцна станал струмички епископ. Тој во Велјуса дошол од Халкедонскиот манастир – св. Авксентиј, во малоазиската област Витинија, каде го поминал испосничкиот монашки живот. За манастирот има многу пишани документи, кои се зачувани во архивата на Ивиронскиот манастир на Света Гора. Од позначајните пишани документи ги издвојуваме: двата мермерни архитрава кои се поставени на влезот на манастирот. На првиот мермерен архитрав е запишано (на грчки) : „Се обнови од основа овој храм на Пресвета Богородица Милостива (Елеуса) од монахот Мануил, којшто стана епископ на Тивериопол во годината 6588 (1080) индикт 3“, а на вториот мермерен архитрав е запишано: „Бидејќи ги положив сите мои надежи во тебе, о Мајко непорочна и извору на милоста, јас пастир монах Мануил, Твој служител, ти го пренесувам Тебе, Владичице, овој храм“. Денешните архитрави се од понов датум, а оригиналите за време на Првата светска војна се однесени во Софискиот археолошки музеј. Грамотата на византискиот цар, Алексиј I Комнен (1081-1118), од јули 1085 г. со кој манастирот добил самоуправа и статус на царски манастир е вториот позначаен пишан документ. Сочуван е Типикот на Мануил во 22 точки, кој зборува за основањето на манастирот, за него, за правилата на облекување, исхрана и други духовни должности на монасите. Сочуван е Типикот и на Мануил I Комнен (1143-1180) од 1152, кој ги одредува земјишните поседи манастирот и Инвентарот од 1164 г. кој ги опишува скапоценостите на манастирот. Манастирот во ХШ век паѓа под управа на светогорскиот манастир Ивирон со што ја губи својата независност. Тој останува под управа на овој манастир се до 1913 г. кога неговите монаси напуштајќи го овој манастир го запалиле, при што бил уништен голем дел од фрескоживописот. Манастирот ја има зачувано својата изворна архитектура и претставува единствен таков објект од XI век во Македонија. Манастирот е четириконхален и има три куполи со керамопластична декорација и полихромно оживување на фасадите. На јужната фасада на храмот под тремот се наоѓа велјушкиот крст, а таму се наоѓа и претставата на св. Онуфриј во пустина, посетен од монахот св. Панфнутиј.

На западната фасада над влезот во манастирот е претставата на Мануил, кој го држи во рака Велјушкиот манастир. Живописувањето е извршено во три фази: првата – 1085 г, втората – 1164 г и третата во ХIХ век, која е неканонска. Во централниот куполен простор е претставен Исус Христос Вседржител, а по него во тамбурот се насликани Пресвета Богородица Ширшаја, св. Јован Крстител, двајца архангели и четворица пророци. Во олтарниот простор се претствени Богородица со Исус Христос на трон и Литургиската служба на светите архиереисо Хетимазијата (Христовото жртвување). Во северната конха е Слегувањето на Христос во пеколот, во источната Богородица со Христос, во јужната Благовештение, а во западната Сретение Господне. Во јужната купола посветен на св. Спас е претставен Исус Христос Емануил, како 12 годишно дете. На источниот ѕид се претставени Исус Христос во слава и портрет на св. Нифон, а на западниот е претставен св. Панталејмон. Во наосот на црквата се наоѓа реконструкција на мермерната олтарна преграда, а подот е мозаичен со геометриски претстави. Денес во манастирот живее монашкото сестринство на струмичката епархија, а постојат и придружни објекти: саат кула, фурна, ан и параклис (мала црква) посветен на св. апостол Павле и св. Григориј Палама.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ