СТРУМИЧАНКАТА КРИСТИНА ЗИМБАКОВА СО САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА ВО СОЛУН!

мај 20, 2022

„Бурлеска“. Сув пастел, габи (Astraeus macedonicus, Steccherinum fimbriatum, Junghuhnia nitida, Terana caerulea, Trametes cinnabarina, Peniophora incarnata, Trichaptum sp. и 4 неодредени вида) и лишаи Usnea sp. и Cladonia sp. на рачно изработена хартија од габи. 38 x 37 cm; 2021. Натписите се од „Писмата на Силвија Плат“, том I (2017) и том II (2018), на предлог од Гејл Краутер и Питер К. Стајнберг.

Ликовната изложба се одржува во рамките на меѓународниот Симпозиум „Силвија Плат и трансатлантицизмот“ и ја сочинуваат слики поттикнати од творештвото и писмата на Плат – клучна американска поетеса на дваесеттиот век. Делата се создадени во последниве години, во комбинирана техника на платно и на хартија од габи рачно изработена од авторката. Куратор на поставката и организатор на настанот е проф. Емили Вандајн од САД, која е Фулбрајт гостувачки професор на Универзитетот „Аристотел“.

Во творештвото на Кристина Зимбакова се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки. Делата се симболични и фигуративни, а габите и лишаите се најкарактеристичен медиум. Изложувала во Македонија, Европа и во САД, а од самостојните изложби се издвојуваат следниве: Галерија „Расклон“, планина Родопи, Бугарија (2020): врв Сечена Скала (1.740 м н.в.), планина Беласица (2019); Универзитет „Алстер“, Белфаст, С. Ирска (2017); Научен собир на Европскиот совет за зачувување на габите, Охрид (2017).

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: