СТРУМИЧАНЕЦОТ ПЕТАР ТРАЈКОВ ГО ПРОМОВИРАШЕ РОМАНОТ „ТАРАФОТ“ ВО МЕТАНОЈА КАФЕ ВО СКОПЈЕ!

ноември 27, 2022

Во автентичен книжевно афирмативен амбиент на Метаноја кафе во Скопје во сабота се одржа промотивно читање на книгата Тарафот од Петар Трајков од Струмица.

Промоцијата беше реализирана како читање на делови од текстот одбрани лично од авторот. И негова интерпретација. Модел кој авторот го избрал како актуелен во земјите со искусна читачка публика. Промовирање со комплет на визија, емоции и мисла презентирани изворно од авторот.

Романот Тарафот е трет роман на авторот Петар Трајков по објавените Орбело (2010) и Дојрански договор 2021). Објавил и две публицистички книги и повеќе текстови.

Тарафот е роман од жанрот на историска фикција кој обработува долг временски континуитет на промени и мачни процеси за нашиот народ прикажан низ приказната на едно семејство низ пет генерации.

Романот изобилува со многу информации за околните времиња во кои се опстојувало, детални описи на општествени односи, драматизација на препознатливи настани, опис на предмети, народни обичаи и верувања кои се ново искуство за љубителите на домашната и балканска историска фикција. Тараф ( страна) тоа е всушност име за политичка припадност на нашиот народ пред да бидат формирани Револуционерната организација и покасно политичките партии. Тарафите биле суштината на политичките збиднувања. Еден тараф успева да се наметне над останатите и го развива бајракот: Македонија на Македонците.

Романот опишува една историја на скриена, тајна круна која се појавува пред неколку векови и успешно преживува низ редица познати историски премрежја и предизвици движејќи се не само низ балканските центри: Истамбул, Софија, Белград, Солун туку и со свои активности како дипломатија во Лондон и Москва.

За промоцијата организаторот изработил автентични предмети согласно романот: знаме, униформи и патиниран приказ на оружје кои беа дел од атмосферата на настанот.

Авторот и во претходните дела се занимава со езотерија преплетена во трилер, па и во ова дело се појавуват тајните и помалку познати тевтонци, јоанити, венецијанска олигархија. За љубителите на овој жанр авторот вели дека се замислил пред прашање од своите читатели дали Тарафот всушност претставува Езотеричка историја на Македонија.

Киднапирања, ликвидации, замени на деца и критични моменти од лични приказни се автентично прикажани и поврзани со конкретни податоци како да се видени лично од авторот. Затоа предизвикуват емоции и го држат до крај во неизвесност читателот кој на крајот се прашува дали и во каков вид би можела да постои оваа организација.

Авторот рече дека ,,Импорт на новите идеи во минатото очекувања и илузии не само што нема да ни помогнат туку ни прават лоша услуга. Потребен е потег во спротивен правец. Да изнајдеме доволно издржливи архетипи и симболи кои ќе не крепат нас во овие претстојни тешки времиња и ќе бидат нешто што ќе им оставиме на потомците’’.

,,Иако дијамантот и јагленот имат иста структура се разликуват по староста и според притисокот под кој се формирале. Значи наместо полесни времиња треба да бараме храброст и предизвик и издржливост. Да ги бараме во сопствената сакралност која е ориентирана кон вечноста.

Според тоа, ако доаѓат тешки времиња тогаш тоа е – добрата вест’’.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: