Струмичанецот Кире Иванов, жртва на ученичко насилство: Имам 23 години и сѐ уште се плашам од 1 септември

септември 2, 2018

Преземено од ФАКУЛТЕТИ.МК

Булингот од минатото ми остави значителни психолошки лузни. Анксиозност – на прво место. Кога одам по пат сам и ако поминам низ група луѓе што седат или стојат во круг, може да ми се случи да си помислам: „Сега сигурно вербално ќе ме нападнат“. И ќе гледам што подалеку и побрзо да ги одминам. Го мразам 1 септември – вели апсолвентот Кире Иванов

„Којзнае сега за што ќе ме исмеваат…“ Дваесет и тригодишниот апсолвент Кире Иванов со оваа мисла се будел секој ден и одел по патот до училиштето цели осум години. Траумите од психичкото и физичко насилство што го трпел од своите соученици во основното училиште не се забораваат. Стравот од 1 септември сѐ уште го чувствува, иако е веќе возрасен човек.

– Се мразев себеси. Се чувствував осамено. Не ни знаев што значи зборот анксиозност, но ја чувствував уште тогаш. Ми беше страв да прозборувам. Ми беше страв низ ходниците да поминувам. Ми беше страв во тоалет да одам – се сеќава Кире како да се случило вчера.

Тој напиша статус на својот профил на „Фејсбук“ каде што првпат проговори за овој тип насилство, т.н. булинг. Проблем што, за жал, често е игнориран од страна на наставниците, училишните психолози и родителите. „Деца се, не знаат“, е најчесто коментарот на возрасните. Но, искуството на Кире покажува дека последиците остануваат.
– Булингот од минатото ми остави значителни психолошки лузни. Анксиозност – на прво место. Кога одам по пат сам и ако поминам низ група луѓе што седат или стојат во круг, може да ми се случи да си помислам: „Сега сигурно вербално ќе ме нападнат“. И ќе гледам што подалеку и побрзо да ги одминам. Го мразам 1 септември. Вечно ќе ме потсетува на тортура. Кога минувам низ основното училиште, ми се навраќаат сите лоши спомени. Избегнувам да одам по таа улица. Исто така, избегнувам машки друштва. Имам неколку другари и многу другарки – вели Кире.

Но, потсетува дека за разлика од него, не треба да се занемари фактот дека има лица што се далеку емоционално послаби и дека секојдневното ученичко насилство може да доведе до самоубиство на тие лица.
– Има безброј вакви случаи во светот. Па дали тоа треба да се случи и во нашата држава, невино лице да си го одземе животот, па одговорните во училиштата да го сфатат ова насилство како сериозен проблем? – прашува тој.

Првпат зборува за тортурата

Неговиот статус на „Фејсбук“ го споделија стотици граѓани, а многумина коментираат дека биле жртви на ученичко насилство. Кире и во статусот потенцира дека првпат споделува што преживувал како основец. Вели дека минатата недела другар го прашал дали бил жртва на вакво насилство. Тој ден нешто го испровоцирало во себе и решил отворено, првпат во животот детално да раскаже за тортурата што ја преживувал во училниците и ходниците.

– Ми се навратија некои лоши сеќавања, се сетив како ми беше кога станував наутро со помислата: „Којзнае сега за што ќе ме исмеваат“. Па така додека го правев муабетот со другар ми, ми текна дека овој проблем сѐ уште постои, сум читал и сум слушал за булинг во нашите школи и надвор од нив. Разгорен од старите сеќавања и од навраќањето на трауматичните искуства, следното утро го напишав статусот со цел да се подигне свеста на локално ниво. Не ни очекував дека ќе биде толку многу споделуван и дека толку многу лица што не ги ни познавам ќе ми се обратат во порака да ми кажат за нивните искуства – раскажува Кире.

Ми беше страв да прозборувам. Ми беше страв низ ходниците да поминам.

Тој вели дека малтретирањето го трпел од 1 до 8 одделение. Додека одел по патот накај училиштето нозете му се враќале назад. Се плашел дека нешто не е во ред со него.
– Се чувствував ужасно. Што и да кажев беше искористено за потсмев. Знаеја да ме исмеваат оти не играв фудбал, дека бев слаб, дека повеќе се дружев со девојчиња, за алиштата што ги носев, за тоа дека моите не ми даваат „доволно“ пари за големиот одмор. Често знаеја без причина да фрлат нешто мое низ прозорецот, да ме удираат. Со години трпев психо-физичко насилство. Се мразев себеси. Се чувствував осамено. Не ни знаев што значи зборот анксиозност, но ја чувствував уште тогаш. Ми беше страв да прозборувам. Ми беше страв низ ходниците да поминам. Ми беше страв во тоалет да одам – се сеќава Кире како да се случило вчера.

 

За проблемот никогаш не беа запознаени ни педагогот, ни психологот, ни директорката, ниту пак моите родители

На родителите никогаш не им кажал што преживувал. Вели дека не знае зошто било така. Тие и денеска не знаат што му се случувало. На учителката ѝ кажувал. На класната ѝ кажувал.
– Се сеќавам на екскурзија во Пелистер во четврто одделение ми ги уништија дрвените боици. Бев кај учителката да се пожалам, а таа ми рече: „Е ако де“. Кога ќе ѝ кажев дека ме малтретираат, им велеше да не го прават тоа на многу индиферентен начин. Класната чувствуваше поголема емпатија спрема мене. Ги вадеше настрана врсниците што ме малтретираа и сериозно разговараше со нив. Но, и тоа беше безуспешно – булингот продолжи. За проблемот никогаш не беа запознаени ни педагогот, ни психологот, ни директорката, ниту пак моите родители.

Уметничка душа која студира право

Го прашуваме Кире од оваа дистанца, кој всушност најмногу можел да му помогне за да не го преживува малтретирањето?
– Учителката или класната заедно со педагогот, психологот и директорката можеа најмногу да помогнат, но така што ќе ги викнеа родителите на разговор. И моите и родителите на тие што ме малтретираа. Требаше да се пронајде од каде потекнува гневот на насилниците за да ми го прават тоа. Требаше да се пронајде изворот за нивното насилно однесување спрема мене и да се реши – вели Кире.
Но, покрај сите негативни последици, Кире вели дека имало и позитивен исход. Бидејќи имало периоди кога не сакал да излегува од дома, го минувал денот со молив в рака.

– Цртав реалистични портрети и можам да кажам дека ги усовршив кога бев во средно и сите беа воодушевени од деталите. Дури и некои од малтретирачите од основно имаа доблест да ми пријдат и да ми кажат дека сум правел предобри портрети. Исто така, често наоѓав утеха во книгите, особено во светот на Хари Потер. Сметам дека книгите за Хари Потер треба да бидат вметнати во образовниот систем како задолжителна литература. Сега сум апсолвент на Правиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и сум доста гласен во однос со неправда, дискриминација или булинг нанесена врз кој било – вели Кире.

Неговите малтретирачи ги дефинира како исплашени лица кои преку вршење насилство врз друго лице, кое физички е понемоќно од нив, поранливо, или кое во која било смисла е поразлично од нив, ги лечат своите комплекси и фрустрации од околината.
– Околината прави така да се чувствуваат, односно родителите. Треба да им се укаже помош на ваквите деца. Не се за обвинување децата насилници. Родителите се секогаш виновни. Сметам дека секоја жалба од страна на поединецот врз кој е извршен булингот треба целосно да се земе предвид, колку и да е на минимално ниво. Случај од ваква категорија може многу лесно да ескалира во нешто многу посериозно. Воедно и последиците да бидат покатастрофални, ако не биде третиран навреме од страна на одговорните институции, кои треба да бидат многу поодговорни.

Кире укажува и дека родителите се првично одговорни за правилната комуникација што ја воспоставуваат со нивното дете.
– Водејќи се по ова, тие треба да му овозможат на детето слобода и да имаат разбирање за ваквиот вид комуникација. Тука би се надоврзал и за карактерот на детето. Во мојот случај, јас бев исплашен и едноставно ја немав храброста, ниту пак горенаведената правилна комуникација со моите родители. Поради тоа, ми требаше многу време да се соочам сам со себе и со моите трауми, а верувам дека ваков проблем имаат повеќето жртви на насилството.

Овој прекрасен млад човек, кој израснал во вистински уметник и борец за правата на луѓето, го споделува својот омилен цитат од Достоевски: „Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: