СТРУЈАТА ПОСКАПУВА ЗА 7,4 ОТСТО, МЕСЕЧНА СМЕТКА ОД 1.500 ЌЕ СТАНЕ 1.600 ДЕНАРИ

јули 31, 2020

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски кажа дека електричната енергија за сите потрошувачи од идниот месец поскапува за 7,4 проценти.

„Ние знаеме дека со оваа одлука за зголемување на цената на струјата, ќе влијаеме врз сите крајни потрошувачи. Сега сметка на пример од 1.500 денари, ќе добие плус 100 денари“, пресмета Бислимовски.

Пред да ја соопшти новата цена на киловат/час потрошена електрична енергија, Бислимовски имаше вовед дека пандемијата со коронавирус негативно се одразила кај профитот на електроенергетските компании и кај електраните во делот на продажбата на вишоци електрична енергија преку граница.

Бислимовски кажа дека ќе ги следат показателите на профитот на електроенергетските компании ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ, но не се изјасни дали би ја вратиле назад сегашната цена за киловат/час.

„Според пресметките, 17 милиони евра пад на приходите има ЕВН. МЕПСО има загуба 11 милиони евра, приходите паднаа и од намалувањето на потрошувачката на индустриската и комерцијалната потрошувачка“, ги кажуваше Бислимовски аргументите за поскапувањето на струјата.

РКЕ одлучила во наредниот период, да нема укинување на евтината тарифа во корист на граѓаните. Таа останува во истиот период како досега.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ