СТИГА Е: Нашата листа со вредни и чесни луѓе, во вечна борба со гнилото во општината!

септември 29, 2021

Исклучително тешки времиња бараат исклучително драстични чекори! СТИГА Е од секојдневни, политичко-профитерски, лажни ветувања!

▫️ Почитувани сограѓани, соселани, црвени, бели, црни, млади и стари, припадници на сите националности, етникуми и религиски групи од Струмица;

▫️ Ние ја почнуваме изборната кампања денес, за разлика од кандидатите на двете големи политички партии кои веќе со недели приредуваат јавни собири, промоции и ветувања. Овој факт нека стои овде и нека се знае: сите слики и видеа што до денес ги видовте на нивните јавни и приватни профили се незаконски и се црвен индикатор нивната вредност и чесност, свесно да го кршат законот!

▫️ Ние сме кандидати за советници кои законски немаат извршна моќ, не можеме да ветуваме проекти со буџети и рокови. Тоа можат да го ветуваат само градоначалниците што имаат извршна функција. Но секој градоначалник без поддршка од советите – не може да направи речиси ништо! Овде, до израз доаѓа вашата граѓанска сила наречена СТИГА Е- нашите советници никогаш нема да дозволат да поминат одлуки кои нема да се исклучиво во интерес на граѓаните.

⚠️ Зошто знаеме и тврдиме дека подобри времиња се пред нас? Затоа што ние сме вие, и вие сте ние! Немаме партија зад нас, а имаме човечност, чесност и љубов кон луѓето и природата.

▫️ Независната група СТИГА Е во никакви околности нема да се обои во боите на ниту една политичка партија чијашто кампања се сведува на предизборни ветувања и оправдувања, нема јавно или тајно да соработува со разни загадувачи во партиско руво и нивните локални партиски финансиери. Посебно под никакви услови нема да поддржува ниту еден кандидат за градоначаник за кој постојат сознанија за јавна или дискретна поддршка на рудник и блискост со рударското лоби. Градоначалникот што ќе биде избран нека ги запамети овие јавни ветувања зошто токму нашите советници ќе бидат клучни во постизборниот период.

▫️ СТИГА Е од празни ветувања кои се забораваат една недела по избори. СТИГА Е од политички партии гладни за пари и моќ! СТИГА Е од фразата: Сите се исти! Тие се исти, но ние сме различни – ние сме вашата продолжена рака во општинските дејности. Заеднички ни е благословот што сме се родиле во прекрасна Струмица и убавите села, заедничко е проклетството што ни ја уништуваат за профит!

▫️ Дишеме ист воздух, пиеме иста вода, јадеме исти плодови од родната ни струмичка котлина. Носиме заедничка обврска да ја заштитиме од сите криминали, еколошки, економски, образовни…

▫️ Се залагаме за крупни реформски промени на општина Струмица во насока на имплементирање на интегрални еколошки политики, зелен и одржлив раст и развој, почеста примена на облици на директна граѓанска демократија, воведување на радикална транспарентност, јасна одговорност и задолжителна отчетност во сите процеси, поддршка на зелена циркуларна економија и комплементарни стратешки индустрии, ревизија и повеќегодишен плански пристап во сите општински политики и надлежности, оптимизација на работните процеси и кадровските решенија за сите општински институции и јавни претпријатија што даваат услуги на граѓаните.

❗️ Нашата листа е огледало на она што ви го нудиме: вредни, чесни луѓе, во вечна борба со гнилото во општината! СТИГА Е!Поддржете нè!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ