Само со многу обуки и гласност во јавноста ќе се промени односот кон насилството врз жените!

февруари 9, 2021

„Јас сум адвокатка и жртва во „Јавна соба“ – вака Марта Гусар го започна своето обраќање на вчерашниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост.

„Моето обраќање на вчерашниот протестен марш не беше во насока на тоа да укажам дека јас сум жртва. Речиси и да не сакам да се претставам како жртва со оглед на тоа што многу брзо се заштитив себе си и се реши ситуацијата. Целта повеќе ми беше да ги охрабрам сите жени, девојки на коишто им е страв или срам да кажат, да пријават или сметаат дека можеби нема да ја добија соодветната заштита. Доколку пријават дека само членуваат во „Јавна соба“ тоа не повлекува никаква заштита затоа што членувањето и споделувањето е непријатно, но не подлежи на заштита затоа што се’ уште, барем засега, немаме заштита во таа насока. Случај на сексуално вознемирување или насилство може да се пријави во првата полициска станица.

Во мојот случај, во „Јавна соба“ беше споделен мојот телефонски број, па следеа повици со сексуална содржина, тоа е сексуално вознемирување, беа три, до таму стигнаа, но јас ги пријавив со телефонски броеви и со имиња. Според телефонскиот број се наоѓаат и имињата и во рок од два часа тие беа пронајдени и повикани да дадат изјава. Прво што треба да го направат жртвите е да ги меморираат телефонските броеви и веднаш да пријават во полициска станица“, вели за Утрински брифинг, адвокатката Гусар. Таа додава дека ситуацијата во праксата е подобра отколку пред неколку години во однос на чувствителноста за родово базирано насилство кај надлежните институции почнувајќи од полицијата.

„Се’ уште сме далеку од посакуваната цел, потребни се многу обуки на што укажува и Истанбулската конвенција, па дури и доколку службените лица кај кои се обраќа жртвата, не можат да се снајдат, треба да има и придружни психолози за да жртвата ја добие соодветната помош и нема да добие двојна виктимизација“, додава Гусар.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: