Општина Струмица има успешна долгодишна соработка со УНД и Швајцарската агенција за развој!

септември 20, 2018

Во салата на Советот на општина Струмица, денеска, се одржа презентација на проектот „Зајакнување на општинските совети“ на која што присуствуваа и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Зутер Техада и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон. Присутните на презентацијата ги поздрави градоначалникот Коста Јаневски.

-Почестен сум што можам, од мое лично име и од името на Општина Струмица, да ве поздравам и да ви посакам добредојде во нашиот град и општина, а во исто време и да ја поздравам денешната презентација на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Исто така, имам потреба со сите Вас, да го споделам моето задоволство од продолжувањето на беспрекорната долгогодишна соработка, што Општина Струмица ја има и со УНДП и со Швајцарската агенција за развој, соработка која резултираше со бројни бенефити за граѓаните од нашата општина.Па така, од една страна, вреди да се споменат дел од проектите кои беа реализирани со помош на УНДП, како што се: Пријателски библиотеки за сите граѓани, реконструкција на библиотеката Благој Јанков – Мучето, помош при вработување на млади невработени лица, ангажирање лични асистенти за лица со посебни потреби, проекти во делот на аграрот, заштитата на животната средина на водите на реката Струмица, заштита од поплави и други. Од друга страна, тука се и проектите финансирани од Швајцарската агенција за развој, како што се: „Покров“, изградбата на летниот амфитеатар во градскиот парк, „Образование за вработување“, „Форуми во заедницата“, „Обука на земјоделски производители – кандидати за грантови за воведување агротехнички мерки од струмичкиот микро регион“, „Управување со сливот на реката Струмица“ и други. Ја користам можноста на високите гостинки, да им се заблагодарам за досегашната плодна соработка, со надеж дека и нашата иднина ќе ја одбележат продукти од таа соработка, која треба да се негува и продлабочува, на взаемно задоволство, а пред се на задоволство на граѓаните на општина Струмица. Се надевам дека и проектот „Зајакнување на општинските совети“, ќе биде од драгоцена полза, како за членовите на Советите, така и за Општините во целост, рече градоначалникот Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: