Одбележан Денот на Европа во Струмица!

мај 10, 2018

Во големата сала на домот на АРМ, денеска со богата програма беше одбележан Денот на Европа од страна на општина Струмица, ЕУ и ЕУ Инфо – точката во библиотеката „Благој Јанков – Мучето“. Пред присутните за значењето на овој Ден, зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.

-Традиционално, како и секоја година, така и годинава го одбележуваме Денот на Европа, онаа Европа кон која се стремиме. Со одбележувањето на 68-от роденден на Европската унија, сите ние наизуст го знаеме историскиот растеж на обединета Европа. Сите ние си спомнуваме за идеите на Жан Моне, за Шумановиот план од 9. мај 1950 година, за договорот во Рим со кој е создадена Европската економска заедница, за формирањето на Европскиот парламент, за договорите од Мастрихт и Амстердам, за воведувањето на еврото како заедничка парична единица и за редица други настани преку кои Европската унија доживува растеж, но и зголемување на бројот на членови во своето семејство. Во таа богата историја се` уште не е ставена точка. Таа историја се` уште се испишува. Ние би сакале во еден убав мајски ден да го славиме 9. Мај – Денот на Европа како составен ден од таа убава и богата историја. Тоа Македонија го заслужува. Европа не е остров, таа е дел од светот што се` повеќе се обединува. Затоа Европската унија треба да се ангажира и на меѓународно ниво. Таа го прави тоа за да ги заштити своите интереси, за да изврши позитивно влијание врз глобалниот развој и за да им помогне на другите луѓе што немаат толку добар и безбеден живот каков што имаат Европејците, рече Даскаловски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: