НАСТАН ВО СТРУМИЦА: „Размрдај се“ -Време е за спорт и забава со Мрдни со прст!

август 31, 2018

Во рамките на летниот караван на активности што во следниот период ќе се спроведуваат преку граѓанската платформа „Мрдни со прст“, од 18 август започнуваме со серија на настани кои ќе ги повикаат граѓаните на заедничко дружење во седум општини низ земјава. Мрдни со прст ќе спроведе настани од спортско – забавен карактер насловени „Размрдај се“. Во Крива Паланка, Кавадарци, Штип, Дојран, Валандово, Струмица и Пробиштип обучен инструктор за фитнес ќе одржува час на отворено. Овој настан е од отворен тип и ќе се случува во парковите на општините. Тренинзите ќе бидат под водство на Маја Талевска, поранешна професионална балерина, долгогодишен пилатес инструктор и прв лиценциран antigravity инструктор во Македонија. Водител и домаќин на настанот ќе биде Мартин 99 Трпчевски. Во пресрет на настанот ќе биде поставена и аудио опрема во парковите низ општините на која диџеј ќе пушта музика додека присутните вежбаат.

За учесниците во овие настани, „Мрдни со прст“ набави простирки за вежбање, кои ќе бидат однапред поставени во парковите, на кои посетителите ќе можат да вежбаат. Обезбедени се и соодветни спротски реквизити за вежбање. За настанот да биде уште позабавен ќе биде прогласено прво, второ и трето место за тие што вежбале најправилно и најупорно и на истите ќе им се додели златен, сребрен и бронзен медал, кои се специјално изработени за овие настани.

Сите активности се реализираат преку платформата „Мрдни со прст“, чија мисија е да се поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секоја активност на граѓаните придонесува за поголеми резултати и промени.

„Дојдете да се забавуваме, да се дружиме но и да спортуваме заедно. Спортот е само уште еден начин како граѓаните треба да се грижат за своето здравје, за околината и да бидат активни во местата во кои живеат. Јас ќе бидам со вас како модератор на настанот, но ќе бидам и тука со Маја да ви дадеме совети како да бидете активни. На крај ќе ви доделиме и награди, а за најупорните и медали! Дојдете да спортуваме, но пред се и да се забавуваме и дружиме“ вели познатиот тв водител Мартин Трпчевски.

„Размрдај се“ ги повикува граѓаните да ни се приклучат оваа сабота во Крива Паланка на 18 август во паркот на општината, каде со почеток од 11часот ќе отпочне спортско-рекреативниот настан и ќе трае до 13 часот вклучувајќи спорт, забава, дружење и активирање на граѓаните. Следниот ден, 19 август, Мартин и Маја се во Кавадарци во истото време, во Штип е закажан тренинг на 25 август, потоа следува Дојран на 26, на 1ви септември ќе го посетат Валандово, 2 септември се во Струмица и Пробиштип на 9 септември.

„Ќе вежбаме мултифункционален пилатес во кој се вклучени, вежби со кои се активираат сите мускулни групи. На мое огромно задоволство како долгогодишен инструктор и активен учесник во акции од ваков тип очекувам зголемен интерес и активно учество на граѓаните, во служба на сопственото здравје и збогатување со ново спортско искуство. “ вели Маја Талевска.

Настанот е отворен за сите заинтересирани кои сакаат да не посетат и да се приклучат во активностите.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ