Home

Perdormire
Култура

МВР СМИРУВА: Светот е известен за продолжениот рок на важност на македонските пасоши

Home

Македонското Министерство за надворешни работи ги известува сите држави во светот дека важноста на македонските пасоши со поминат рок, поради проблемите што ги предизвика пандемијата, се продолжува до 31 декември годинава.

Министерството за внатрешни работи постетува дека одлуката стапува на сила на 1 јули годинава, и дека таа се однесува на пасошите на кои рокот на важност им истекол по 31 јули минатата година.

ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека граѓаните со такви пасоши можат да станат граѓани од втор ред во светот и да бидат изложени на непријатности.

Граѓаните кои имаат пасоши чија важност е истечена по 31 јули минатата година со нив ќе можат да патуваат до крајот на годината. Во средата Министерството за внатрешни работи информираше дека важноста на тие пасоши се продолжува до 31 декември годинава, но и се нагласи дека донесената одлука ќе почне да се применува од 1 јули годинава. Одлуката, која е објавена во Службен весник, покрај на приватните пасоши, се однесува и на службените и на дипломатските патни исправи.

Од Министерството образложија дека измената на Законот за патни исправи е направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на голем број наши граѓани кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантинот и другите отежнати услови, во нашава земја, но и надвор од неа, во дијаспората, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи.

Од МВР за МКД.мк брифираат дека поради пандемијата со коронавирусот многу наши државјани кои се наоѓаат низ светот биле оневозможени навремено да ги продолжат патните исправи, особено оние граѓани во држави или региони каде нема македонско дипломатско или конзуларно претставништво. Поради пандемијата, во многу делови од светот беа прогласени забрани за патувања, состојби на карантин или пак, имало граѓани кои поради болест или мерки на изолација во определени периоди не биле во можност да најдат начин како да ги продолжат своите патни исправи. Инаку, во вообичаени околности во македонските претставништва се добиваше патен лист доколку некој наш државјанин има проблем со патната исправа или пак му е украдена или загубена.

Но, ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквата одлука е срамна и дека наши државјани можат да се соочат со непријатности низ светот.

„Никој не може да гарантира дека на било кој граничен премин официјално лице на државата во која што македонски граѓанин ќе се обиде да влезе со истечен пасош, дека нема да има основа тоа лице да биде вратено назад. Никој не може да гарантира и дека доколку влезе, во било кој хотел, лице со македонски пасош кој е истечен, може тој пасош да не му биде земен предвид. Или, истото да се случи во банка или која било институција, здравството, во странство каде треба да потврди идентитет“, изјави вчера портпаролот на партијата Наум Стоилковски додавајќи дека во Македонија при рутинска контрола на секој странец, кога ќе се утврди дека има истечен пасош се приведува во полициска станица заради разјаснување на случајот.

Од МВР за МКД.мк велат дека известувањето до сите држави го испраќа Министерстовото за надворешни работи, со допис до конкретните министерства на владите на државите и нивните амбасади, како и преку своите амбасади и дипломатски претставнишва низ светот. На тој начин веднаш се информираат граничните служби и полициски органи дека македонските пасоши се валидни и тогаш доколку на нив стои датум на важност по 31 јули 2020 година до денот на минување на границата, па сѐ до Нова година.

Станува збор за патна исправа и по испратените дописи до државите од светот, македонските граѓани, кои патуваат, нема да имаат проблеми, велат од МВР.