МИА: Заводот во Бања Банско доби специјално возило од турската агенција ТИКА

август 3, 2018

Во присуство на министрите за труд и социјална политика Мила Царовска и за здравство Венко Филипче, како и на градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и претставници на локалната самоуправа, Турската агенција за соработка и координација-ТИКА денеска донираше специјално возило на Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација „Банско“.

Возилото марка „Форд“, кое чини 30 илјади евра, е наменето за штитениците кои користат инвалидски колички и ќе им овозможи полесно движење.

Според миистерот за здравство Филипче, значително ќе се олесни пристапот кон здравствените услуги на корисниците кои живеат во Заводот во Банско.

– Тоа ќе помогне и во процесот на социјализација и затоа голема и искрена е благодарноста до ТИКА со искрена верба дека соработката ќе продолжи понатаму и тоа како во делот на здравството, така и во нашите проекти кои означуваат мултисекторски пристап, рече министерот Филипче.

Министерката за труд и социјална политика Царовка, истакна дека специјалното возило ќе го олесни социјализацијата и движењето на корисниците на услугите во Заводот во Банско.

– Ние како Влада и Министерство водиме еден процес на трансфомација на големите институции кои што не ги исполнуваат потребите на овие лица, но важно е дека паралелно работиме на квалитетот на услугите што се нудат тука. Сметам дека ова комбе ќе ја зголеми можноста за социјализација на овие лица, истакна министерката Царовска.

Проектот за донирање специјално возило на штитениците на Заводот во Банско почна да се реализира на 28 февруари годинава, кога во заедничка посета на Заводот беа министерот за здравство, Венко Филипче и координаторот на ТИКА, Ајден Ајтекин.

ИЗВОР: МИА

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ