На секој еден струмичанец љубител на топлиот и вкусен бурек, како и на слатките со неодолив вкус им е познат „Бисер“. Лоцирани во срцето на градот, вработените и сопствениците продолжуваат да ја одржуваат традицијата по која одамна се познати. Во проширениот дел на слаткарницата наминуваме по освежителна боза, слатка торта и еклер, а од скоро време и по најразлични пецива. Сигурно дел од нашите читатели се имаат запрашено кога „Бисер“ започнал со работа, на кој начин успешно опстанува на пазарот веќе години наназад…Ајде да дознаеме нешто повеќе од интервјуто со сопственикот на „Бисер“.
Кога започнавте со работа? Беше ли почетокот лесен, како се пробивте на пазарот и колку вработени броеше тимот на „Бисер“ на самиот почеток?
-Првите почетоци со овој занает датираат многу одамна, а како „Бисер“ од 1965 година. Секој почеток со себе носи потешкотии, меѓутоа благодарение на упорноста, искуството и познавањето на занаетот постепено се пробивме на пазарот. На почетокот бевме вработени околу 5 луѓе од потесното семејство, а во моментот бројот на вработени изнесува 35.
Од каде ја добивте идејата да отворите слаткарница и колку време ви беше потребно да ја реализирате идејата?
-Тоа ни е семеен традиционален бизнис наследен од нашите дедовци и прадедовци.
Какви производи „Бисер“ им нудеше на купувачите на самиот почеток? Има ли разлика во понудата денес?
Во почетокот ориентални слатки, а со тек на времето тоа се надградувавме со нови производи и во моментот нудиме над 100 видови на производи.
Дали вашите мајстори имаат тајни рецепти по кои ги подготвуваат највкусните буреци и слатки во градот?
-Имаме сопствени рецепти наследени. Некои нови рецепти комбинирани со долгогодишното искуство даваат добри резултати.
Од каде излезе идејата со проширувањето на просториите на слаткарницата?
-Склоп на повеќе околности: зголемување на понудата на производите, задоволни клиенти, подобар амбиент и подобри услови за работа што е најважно секако.
Имате ли просечна бројка на купувачи дневно?
-Во зависност од периодот. Бројката варира и во просек е во задоволително ниво.
Која е вашата основна визија и цел, како едно локално претпријатие со завиден број потрошувачи?
Нашата цел и визија е услугата, квалитетот на производите за да може да бидат задоволни секогаш потрошувачите како и вработените да имаат се подобри и подобри услови за рабоа.
Која е тајната на вашиот успех? Што имате да им порачате на сите млади бизнисмени и на оние кои допрва планираат да започнат свој бизнис?
-Работиме со љубов, и секоја потешкотија ја надминуваме со упорност, чесност, трудољубивост и позитивна енергија. Само така може да се напредува на бизнисот. Истото им го препорачувам и на останатите.