ЈАНЕ КИРОВ: ФОТОГРАФИРАЊЕ ДОДЕКА СЕ ЈАДЕ, ПИЕ КАФЕ, ФОТОГРАФИРАЊЕ ДОДЕКА ИЗЛЕГУВАМЕ – ЕРА НА ПАМЕТНИ ТЕЛЕФОНИ И ГЛУПИ ЛУЃЕ!

февруари 13, 2020

Во извештајот на Канцеларијата за национална статистика прикажано е поголемо ниво на емоционални проблеми, хиперактивност и лошо однесување кај младите луѓе кои поминуваат многу време на социјалните мрежи, за разлика од останатите кои не го прават тоа. Фотографирање додека го пиете своето утринско кафе, фотографирање додека јадете, фотографирање додека излегувате…Дали струмичани се опседнати со социјалните мрежи? Вашите размислувања дадете ги во коментар.

Во продолжение прочитете го фејсбук статусот на Јане Киров кој е инспириран од вистинска случка:

Инспириран од неколкуте излегувања низ градот овие денови, сакам јавно да ја споделам мојата зачуденост до кое алармантно ниво оди нашата задлабоченост во „паметните“ телефони. Изгледа, доаѓа ера на паметни телефони и глупи луѓе. Седам во ресторан, до мене дечко и девојка. Одвреме-навреме ќе каснат од нарачаната храна, а речиси цело време посветно си зјапаат во мобилните. Не се погледнуваат, не разговараат. Завршија со јадењето, платија и си отидоа. Ама состанок за паметење! Ако е таква работата, седете си дома и допишувајте се! Дете со телефон во рака толку концентрирано си ја игра својата игра, што удира со главата во сообраќаен знак. Прво проверува дали екранот на телефонот е во ред, а потоа, како ништо да не било, продолжува со играта. Другите внимаваат да не се удрат во него. Девојки ги дочекуваат своите тазе, топли палачинки и ги јадат веќе оладени, зошто речиси половина час ги сликаат за на инстаграм од различни агли. Седат зад воланот и разговараат на телефон, па негрижливо им влетуваат на останатите учесници во сообраќајот среде кружен тек. Поради големиот број молби на гостите за полнење на нивните мобилни, во ресторантите има посебни штекери за полначи. Ретко ќе најдете локал без Wi-Fi покритие. Полека но сигурно влегуваме во една друга ера, ера во кое човечкото полека се заменува со роботското, и можеби сега ни изгледа смешно и не му пријдуваме на проблемот доволно сериозно, но замислете си колку сме нерасположени и колку се чувствуваме изолирано кога не можеме да добиеме пристап до социјалните мрежи на само еден ден?

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: