ИНТЕРВЈУ СО АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА – МОЈОТ ИДОЛ БЕШЕ И ЌЕ ОСТАНЕ ТОШЕ ПРОЕСКИ!

октомври 18, 2018

Денешен наш гостин е убавата и талентирана Александра Јанева. Победничката на Макфест 2016 и со право кажано – гордоста на струмичани. Тимот на Струмица Денес со големо задоволство а благодарение на Александра успеа да поразговара за некои одредени теми директно со неа.

Александра, уште колку време остана до моментот кога ќе можеме кај тебе и официјално да се обратиме за контрола и поправка на нашите заби?

– Со сигурност во наредниве неколку години не. Имам уште неколку испити до дипломирање, но засега живеам од музиката, а работам на тоа да и во иднина биде основен извор на инспирација, сатисфакција и егзистенција.

Проектот SummerJam го спроведе одлично, како и што се очекуваше од тебе. Со преработките успешно актуелизираше неколку македонски и странски песни. Што е следно? Кога да очекуваме нешто ново од тебе?

– Искрено, не очекував да воспоставиме една таква убава интеракција со публиката преку овој проект, во смисол и тие, подеднакво колку и јас, со нетрпение да ја очекуваат секоја наредна преработка. Особено ме радува тоа што многу повеќе обрнаа внимание на македонските хитови, ги засакаа и ги третираат онака како што треба да се сака и почитува своето. Веќе подолго време подготвувам и најавувам деби– албум, кој ќе биде една компилација од првите песни од моите почетоци, кои се издвоија како најуспешни и најпеани по настапи. Тука ќе бидат и неколку комплетно нови песни на кои сè уште работам со повеќе композитори.

За кога и каде се закажани твоите следни настапи?

– Заедно со мојот бенд 2Be успеавме да го донесеме нашиот звук речиси низ сите градови на Македонија и таа мрежа сè повеќе се проширува. На 21-ви октомври за првпат настапувам во Велес, на нивната позната фестивалска Питијада, а до крајот на годината ќе патуваме и до Тетово, Кочани и Гевгелија, исто така за првпат. Битола, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Виница, Берово, Кичево и Струмица се останатите градови кои ќе ги посетиме во последните два месеци од 2018 година.

Кога би можела да бираш, со која светски позната дива би снимила дует?

– Сите светски диви имаат некој свој карактеристичен стил кој го негуваат. Предизвик е да се биде еден ден во нивна кожа, да се види како професионализмот и масивната шоу-биз индустрија го диригира нивниот живот, поготово кај Beyonce, Ariana Grande, Rihannа, Taylor Swift. Без размислување – Ariana Grande. Се декларирам себеси како Arianator откако слушнав за неа.

Кој беше (можеби и сè уште е) твојот музички идол од детството?

– Тоше Проески, беше и ќе остане најинспиративниот пејач.

Со каков вид музика растеше Александра?

– Отсекогаш се вртеа две музички прогами на ТВ: MTV и VH1. Така е и денес, но пак на компјутер секојдневно си пуштам македонска забавна музика, затоа што има многу нови песни со модерен звук. Се промени правецот на артистите и конечно избираме теми и звук кои се во чекор со најактуелните трендови во светската музичка индустрија.

Дали некогаш си размислувала за препевање на твоите прекрасни песни на некој од балканските јазици? Воопшто, дали си размислувала за кариера надвор од границите на Македонија?

– Секој од нас потајно сака да ги надмине границите на Македонија. Но, не можам да кажам дека имаме многу успешни примери кога наши изведувачи го прошириле својот пазар и публика со препејување на некој од балканските јазици. Напротив, сите кои ги поминале границите успеале да го направат тоа на својот јазик. Во секој случај, кога би добила сериозна понуда за албум или песни кои несомнено подобро звучат на соодветниот балкански јазик, не би размислувала воопшто.

Кој град ја има најдобрата публика?

– Настапувам често и континуирано токму за да ја создадам и одржам таа врска меѓу мене и публиката. Кога еднаш ќе се создаде,публиката може само да расте и секако да реагира добро.Затоа не можам да издвојам еден град – со сите ме врзуваат различни, интересни случувања. Среќна сум што сите во целина знаат да се забавуваат на македонска музика.

Кои беа твоите фаворити на Макфест 2018 и кога да го очекуваме твоето наредно учество на познатиот музички фестивал?

– Имав ТОП 3 песни кои ми се допаднаа од прво слушање. „Стари добри времиња“ на Димитар и Тајфата, „Чудни места“ на Роберт Билбилов и „Во други души“ на Мина Блажев. Можеби за неколку години ќе се вратам на Макфест, ако имам добра песна, се разбира.

Многумина твои колеги се согласни дека македонската естрада треба да си ја поврати својата стара слава.Што според тебе, и’ недостига на македонската музичка естрада и каде треба да се насочат напорите за ете, повторно да се врати во мода слушањето македонска музика?

.Со ова прашање сме сите подеднакво засегнати – и артистите и авторите и медиумите и публиката. Сè уште добивам коментари од типот: „не слушам македонска музика”, што значи дека треба да се ослободиме од стереотипите и да добиеме простор и доверба. Последните месеци има видливо позитивно раздвижување на нашата забавна сцена. Штом сè повеќе почнува да се создава музика неопходно е да се зголеми бројноста на нејзиното емитување на ТВ и радио. Голема улога би имале почестите настапите на изведувачите на секаков тип манифестации или забави низ земјата. Кога ќе се создадат услови да се заработува и живее од естрадата, тогаш сите ќе бидат во состојба уште повеќе да вложуваат и да нудат висококвалитетна музика.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: