По Дабиле и населеното место Просениково ќе добие канализационен систем. Денеска во атарот на селото започнаа градежните активности на кои присуствуваа градоначалникот Коста Јаневски и претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
Освен за започнувањето со изведбата на канализациониот систем, жителите на Просениково, денеска имаа уште еден убав повод за задоволство. Имено, тие од градоначалникот Јаневски го добија клучот од реконструираниот дом на културата, со што во него ќе можат да си ги реализираат планираните активности.
-Денеска два убави настани се случуваат во населеното место Просениково. Го предадовме во употреба реконструираниот дом на културата и означуваме почеток на уште еден позначаен проект, а тоа е изведба на канализациониот систем. Пред неколку денови ист таков проект започнавме и во Дабиле. Овој канализационен систем значајно ќе го подобри квалитетот на животот во ова населено место. Ова е еден голем проект на Владата на Република Македонија кој што се однесува на подобрување на водоснабдувањето и одведувањето на отпадните води во нашите населени места. Ова се проекти кои што мене лично, на Советот и на нашите граѓани исклучително многу им значат, во сите наши средби кои што досега непосредно ги имавме со граѓаните, сите тие овој проблем го ставаа на приоритетните листи и со големо задоволство, еве за кратко време, можам да соопштам дека со заедничка заложба на централната и локалната власт успеваме конечно овие проблеми да ги решаваме, да го подобриме квалитетот на животот, да ја подобриме заштитата на човековата околина и тоа е еден приоритет кој за мене значи многу. Јас и во нашите кампањи ветив дека за овој мандат ќе се обидеме и мислам дека ќе успееме сите населени места во нашата општина да го добијат тоа што е основно за подобрување на квалитетот на животот, тоа е подобрување на водоводните системи каде што има потреба и секако одведувањето на отпадните води, рече градоначалникот Јаневски.
Жителите на Просениково им се заблагодарија на Градоначалникот и Советот на општина Струмица за решавањето на проблемот со канализацијата во населеното место.
-Конечно почнаа да се решаваат некои проблеми кои не се од вчера, ни од завчера, а не се ни пред една година и ние жителите ќе бидеме крајно благодарни што овој проблем ќе се реши. Просениково има меѓу 360 и 370 семејства, во кои има околу 500 машини за перење, во секој двор има по една или две јами и секогаш беше проблем кога ќе заврнеше дожд, тие јами се излеваа и многу маки имавме. Што значи ако ова прашање се реши, мислам дека ќе биде голем благодет за Просениково и неговите жители, рече Ило Спасов, жител на селото.
Изградбата на двата канализациони системи чини 44 милиони денари, обезбедни од Европската инвестициона банка, а со свој дел учествува и општина Струмица.