Големиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин во посета на СОУ „Јане Сандански“-Струмица

октомври 16, 2018

Во посета на СОУ „Јане Сандански“ беше големиот македонски ликовен уметник и хуманист кој повеќе од 30 години преку уметноста води мисија за мир во светот. Тој им подари триесетина цртежи на учениците и професорите.

За делото на Живко Поповски зборува опусот од над 50 илјади слики подарени на низа влијателни личности и институции во светот. Поводот за посетата на Живко Поповски беше ученичката Јана, штитеничка од Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Поповски ја посети нејзината паралелка I-6 каде што на часот на професорот Костадин Каркаљашев се запозна со учениците во паралелката и им раскажа за неговата мисија, а потоа, додека учениците дискутираа за македонската народна поезија за време на наставата на професорката Снежана Пијанманова, на сите им наслика по една минијатура.

Поврзаноста на Поповски со уметноста датира уште од неговата 12-та година, но интензивно започнува да се занимава со сликарството во 1970-тите. Тој на учениците од I-6 им раскажа за неговите контакти и соработки со врвни домашни и светски личности како Мајка Тереза која била голема мотивација во неговата мисија, Блаже Конески кој песната „Роза“ ја посветил на неговите цртежи и низа други влијателни личности – претседатели на држави, парламентарци, уметници, поети, музичари, спортисти.

Живко Поповски за својата хумана мисија во 2009 година бил кандидиран за Нобеловата награда за мир каде бил во најтесниот избор на 30 кандидати заедно со врвни имиња како Барак Обама, Хелмут Кол, Џорџ Буш, Тони Блер. Освен тоа, Поповски конкурирал и за Гинис откако насликал слика долга 1001 метар, посветена на 1001-та годишнина од ослепувањето на Самуиловите војници.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ