bandr
Култура

(ФОТО) ВРВНИОТ УМЕТНИК И ПРОФЕСОР НИКОЛА СМИЛКОВ УЧЕСТВУВА НА ПРВАТА МЕЃУНАРОДНА ВАЈАРСКА РАБОТИЛНИЦА ВО СРБИЈА!

Еден од најдобрите македонски вајари Никола Смилков, кој воедно е и професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ деновиве учествува на првата меѓународна вајарска работилница која се одржува во Србија или поточно во местото Тамјаница. Како што пренесуваат српските медиуми, организаторот на оваа работилница е Горазд Чук од Љубљана и Петар Хрануели од Загреб. И двајцата одамна имале во план да поканат дел од вајарите од балканот и да направат еден ваков меѓународен настан кој е од голема важност за целата балканска уметност. Уметникот Никола Смилков во изјава за нашиот портал вели дека на самата работилница се изработуваат дела од квалитетен материјал, а самиот тој работи на камен кој е исклучително тежок за работа.

„Чест ми е што ја представувам Македонија и што сум дел од овој тим. Инаку работам со камен од Прилеп, имам доста искуство со тој камен и среќен сум што работам на него. Навистина сум им многу благодарен на организаторите на можноста да едно од делата од циклусот фигурација го работам во моменталниот формат. Доста размислувам за тоа како ќе се вклопи делото во овој импресивен крај за мене.“ – вели Смилков

Покрај Смилков, на работилницата учествуваат и Јуре Маркота од Словенија, Бозо Терзич од Србија и Петар Хрануели од Хрватска.

Инаку, Никола Смилков моментно е единствен штипски вајар кој живее и работи во Штип. Како што спомнавме и претходно, професор е на Универзитетот „Гоце Делчев“. Изложувал во дваесетина градови во целиот свет. Негови скулптури се наоѓаат во најпознатите уметнички центри во Австрија, Словенија, Црна Гора, Турција и Индија. Учествувал на групни изложби во Париз, Берлин и други познати места.