ДИМИТАР ГЕОРГИЕВ – ШЕКИ, ГЕНИЈАЛЕЦ НА ТЕРЕНОТ, СМЕТАН ЗА НАЈГОЛЕМ СТРУМИЧКИ ТАЛЕНТ!

септември 28, 2023

Димитар Георгиев – Шеки, генијалец на теренот, сметан за најголем струмички талент, стрелец на многу атрактивни голови.

За Беласица има одиграно 236 лигашки натпревари и постигнато 50 голови, со што е во топ 10 и во двете категории. За Беласица има играно во 10 сезони.

Дебитира за Беласица во ноември 1971 година против Балкан од Скопје и уште во првата сезона доаѓа до израз неговата генијалност и го бараат Пелистер и Куманово. Продолжува со Беласица и во следните две години, при што во сезоната 1973/74 постигнува 13 голови и е најдобар стрелец на тимот. Летото 1974 година, заминува во Тетекс, кој настапува во Втората југословенска лига. Настапува две сезони таму, заедно со Благој Георгиев и со Васил Рингов.

Се враќа летото 1976 година во Беласица, а сезоната 1977/78 ја поминува во ЈНА. Во сезоната 1978/79 со 7 голови е трет стрелец на тимот и тимот го освојува третото место. Во следните две сезони настапува на 33 првенствени натпревари. Летото 1981/82 оди во Пролетер Стојаково, каде настапува една сезона само.

Летото 1982 повторно се враќа во Беласица и игра феноменална сезона, прв стрелец на тимот е со 9 голови, а Беласица станува шампион на Првата македонска лига. Во следните две сезони, игра за Беласица во Втора југословенска лига – Исток, при што во сезоната 1983/84 со 6 голови е трет стрелец на тимот. Летото 1985 година преминува во Тиверија. Во следните 4 сезони во Тиверија во 91 натпревар, постигнува 25 голови.

Во сезоната 1988/89, Тиверија настапува во Прва македонска лига, завршува на 5 место, а Шеки е најдобра лева полутка во лигата. По 4 години во Тиверија, преминува во Вардарски од Богданци, каде игра со Панов и Марков.

Во пролетта 1990 година се враќа во Беласица и игра 4 натпревари во Третата југословенска лига – Исток, а последниот меч за Беласица го игра во април 1990, против Тетекс. Во сезоната 1992/93 е најдобар играч и стрелец на Тиверија во Трета македонска лига – исток и ќе помогне Тиверија да влезе во Втора лига – Исток. Есента 1993 е неговата последна полусезона, игра на 5 натпревари, а последниот меч го игра против Брегалница Штип.

Неверојатна кариера, засекогаш го заслужи местото во срцата на Струмичани.

Еве ја неговата статистика од натпревари и голови во Беласица:
1971/72 – 15/3
1972/73 – 27/4
1973/74 – 32/13
1974-76 – Тетекс
1976/77 – 19/2
1977/78 – ЈНА
1978/79 – 23/7
1979/80 – 10/1
1980/81 – 23/4
1981/82 – Пролетер Стојаково
1982/83 – 25/9
1983/84 – 30/6
1984/85 – 28/1
1985-1989- Тиверија, Вардарски
1990 – 4/0
1992-93 – Тиверија

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ