Дали треба да се врати задолжителниот воен рок во Македонија?

август 8, 2020

Дали на Македонија и е потребно враќање на задолжителниот воен рок, експерти коментираат дека тоа прашање зависи од повеќе фактори, вклучително и од одлуката на партнерите од НАТО.

Задолжителниот воен рок беше укинат кога одбраната на Република Македонија се усогласуваше со стандардите на земјите членки на НАТО, односно со реформите во територијалната одбрана на војската по усвојувањето на новата Државна стратегија за безбедност во 2003 година и откако во 2006 година Собранието ја одобри забраната за задолжителна регрутација.

Поранешниот шеф на военото разузнавање Владимир Пивоваров објаснува дека платената резерва е прифатена од најголемиот дел на земјите членки на НАТО. Според него, за безбедноста на земјава ќе биде подобро доколку таа има готова воена сила, но сепак истакнува дека тој момент меѓу другото ќе зависи и од тоа дали ќе дозволат меѓународните партнери на Македонија во НАТО.

„Лично јас сум за служење на воен рок, затоа што многу предности дава таквото служење, не само од безбедносен аспект, туку пред се од социјалниот аспект на младите луѓе“, вели Пивоваров.

Тој додава дека враќањето на задолжителниот воен рок ќе значи воена обука на околу 20 илјади луѓе, што ќе чини повеќе финасиски средства од буџетот на земјата, но според него тоа ќе биде добро за младите и за општеството.

Кога станува збор за буџетот за одбраната, поранешниот пратеник и претседател на Евро-атланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани посочува дека не треба да се размислува за финасиите кога станува збор за ефикасноста на војската.

Тој е со став дека нема потрба од враќање на задолжителниот воен рок во Армијата, бидејќи, како што вели, Македонија ги има постигнато стандардите за членство во НАТО со професионална војска од околу шест илјади професионални војници за чување на интегритетот и суверенитетот на државата.

„Имајќи го предвид Членот 5 од НАТО – „Еден за сите, сите за еден“, Македонија навистина нема потреба да се врати сега пак во тоа што значи задолжителен воен рок, затоа што веќе профункционира овој начин на организирање на Армијата и најдобро е да се продолжи со овие стандарди и секогаш да се одоговори на реформите и трансформациите кои се случуваат во НАТО и ние да бидеме во тек“, вели Рамадани.

Тој објаснува дека НАТО не инсистира на укинување на задолжителниот воен рок, но според преговорите со Алијансата и во пакетот реформи на Армијата на Република Македонија била формирана мала и професионална војска со капацитет на воени сили кој одговара на големнината на државата.

За промени во оваа насока потребно е да се направат добри безбедносни прценки, заклучува Пивоваров, посочувајќи дека прашањата за одбраната во земјава не се ставени како приоритетни. Според стандардите на НАТО треба да одвојуваме два ипол до три проценти од буџетот, а ние одвојуваме само околу еден процент, вели тој.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: