strumica denes logo

АКО НАЈДАТ ПАРИ, СТРУМИЧКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ЌЕ ДЕБАТИРААТ НА СЛАВНИОТ „ЈЕЈЛ“

Автор:

Датум:

септември 12, 2018

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

септември 12, 2018

Категории:

Култура

По големиот успех на Глобалната рунда на Светскиот ученички куп во Барселона во јули, осуммина средношколци обезбедија учество во финалето на овој светски турнир

Осуммина средношколци од струмичката гимназија „Јане Сандански“ обезбедија влез во финалето на големиот турнир на шампиони на Светскиот ученички куп, кој ќе се одржи во ноември на престижниот американски универзитет „Јејл“, Њу Хејвн. Сонот на умните дебатери и креативни пишувачи ќе се оствари доколку успеат да соберат доволно пари (15.000-20.000 долари) и заедно со своите тројца професори да ја искористат можноста да си ги измерат силите со врсници од цел свет.

Средношколците од Струмица ја добија оваа можност откако кон крајот на јули учествуваа на глобалната рунда на Светскиот ученички куп што се одржа во Барселона, Шпанија. Сениорската селекција од Македонија се состоеше од 11 тима со по тројца ученици. Тие дебатираат на англиски јазик.

Разговараме со Бојана Витанова, средношколка од ова училиште, која ни објасни за каков настан станува збор.

– Натпреварот се состои од дебата, пишување есеи и одговарање прашања од различни области. За сето тоа е потребна тимска работа и голема посветеност од страна на учениците. Натпреварот, пред сè, е посветен на едукација и поттикнување на млади личности да бидат ангажирани во својата средина и да го покажат својот потенцијал. Неговиот светски карактер, исто така, помага за проширување на мрежата на досег на македонските ученици со тоа што имавме шанса да се запознаеме со многу врсници од светот – вели Витанова.

Педесет и пет медали во Барселона

Средношколците од Барселона се вратија со еден куп медали – 28 златни и 27 сребрени. Таму учествуваа шест тима од „Јане Сандански“, заеднички тимови од гимназиите „Јане Сандански“, „Јахја Кемал“ и „Никола Карев“ од Струмица и по еден тим од „Кочо Рацин“ од Велес, „Никола Карев“ од Струмица и од ОУ „Петар Мусев“ од Богданци.

На глобалната рунда во Барселона учествувале околу 400 тима од 57 држави.

– За да се добие квалификација за турнирот на шампиони, потребно е да се биде во подобрите 50%. Дебатите се оценуваат не само според логичкиот состав на аргументите (што е одлучувачки за да се издвои победа), туку и според однесувањето и ставот на говорителот, артикулацијата и познавањето на англискиот јазик. Во пишувањето есеи најважно е тој да биде убедлив и да зазема јасна позиција. Останатите области на натпреварување се поврзани со одговарање прашања во врска со материјалот кој ни беше даден. Тогаш се покажуваа напорот и времето што ги имавме вложено пред натпреварот за време на учењето – вели Витанова и објаснува дека на „Јејл“ мора да се освојат медали од сите области и успехот да биде урамнотежен помеѓу сите подрачја.

Парите – главен проблем

Патувањето до „Јејл“ е многу предизвикувачко во поглед на финансиите, велат средношколците.

– Ние се обидуваме да направиме сè што можеме за да добиеме спонзорства. Трошоците за патувањето во Барселона главно ги покривме самите, со делумно олеснување од нашите училишта и од мал број локални компании кои беа заинтересирани за спонзорирање. Котизацијата за учество на турнирот на шампиони не е мала, се работи за 500 долари. Покрај тоа, имаме дополнителни трошоци за авионскиот лет до Њујорк, превозот до Њу Хејвн, сместувањето и секојдневниот превоз до салите и училиштата каде што ќе се одржува натпреварот – вели Велинова.

Темата на натпреварите во Барселона беше „Сплотен свет“.

– Меѓу темите за проучување беа криптовалути, црн пазар, историја на дипломатијата, различни уметнички, музички и поетски примероци, меморија и психологија, како и специјалната тема „човечки врски“. Дебатите се одвиваа на тој начин што ни се дава одреден предлог, т.е. прашање за кое треба да се бориме на „за“ или „против“ позиција. Темите беа интересни идеи од дадениот материјал. На пример, „Дали треба да престанеме да користиме банкноти и монети?“ или „Дали треба да постои магична напивка за одљубување?“ Пишувањето есеј се одвива на сличен начин, со таа разлика што сами си ја одбираме позицијата за која ќе се бориме. И за дебатите и за есејот е потребно темелно истражување пред да се формираат аргументи – ни објасни средношколката од Струмица.