Во среда концерт на оперската пејачка Сара Јанева во Струмица со наслов „Празнична интрига“

декември 26, 2022

Коцерт со наслов „Празнична интрига“ ќе се одржи во Уметничка галерија во Струмица на 28.12.2022 (среда), во изведба на нашата млада оперска пејачка Сара Јанева заедно со успешната Анастасија Гичевска како пијано соработник.

Тема на настанот е изразена преку делата на Ф.Шуберт, Ж.Бизе, И.Берлин, К.Вајл, Н.Рота, А.Џамбазов и А.Л.Вебер, композитори кои творат музика од периодот на романтизмот до современата доба.

Билети за настанот се достапни на самиот влез, пред почетокот на настанот.

Биографија за изведувачите

Јанева е родена на 1 јануари 2000 во Струмица и уште од најрана возраст започнува да ја изучува сериозната музиката, најпрво како пијанист, а подоцна како вокален изведувач, маѓепсана од емоцијата и восхитена од вештината на големите оперски изведувачи. Дипломирањето на Сара на Факултетот за музичка уметност e проследено со нејзиното учество на Академијата на маестро Џорџ Пеливаниан во Блед, Словенија, предизвик кој таа го прифаќа без двоумење, изведувајќи 11 концерти низ различни градови низ Словенија, вo улогата на Фраскита во операта „Кармен“ на Жорж Бизе. Јанева има остварено многубројни сценски настапи.

Зема учество на концертите посветени на „Денови на македонската музика“, циклус концерти организирани преку „Музичка младина на Македонија’’, оперски гала концерт „Коста Трпков“, концерти организирани преку Факултетот за музичка уметност. Во 2019 учесвтвуа на фестивал под име “Feurich“ во Виена, Австрија и настапува во “Еhrbaar Saal“ со учесници од 35 различни држави, а учествувала и на концертите посветени на руската романса во рамки на „Скопско лето“ 2020 и 2021. Во 2020 е првонаградена на „Балканска романсијада“ во Софија, Бугарија. Во октомври годинава го одржа првиот солистички концерт како дипломиран изведувач во рамки на „Млад музички албум“ организиран преку Музичка младина на Македонија.

Анастасија Гичевска е родена во Битола завршува основно и средно музичко образование во Битола. Годинава дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а во моментот ги продолжува своите магистерски студии во Љубљана, Словенија на Академијата за музичка уметност.

Во текот на своето образование добитник е на повеќе награди и признанија на државно и меѓународно ниво каде остварува високи резултати меѓу кои:

-I награда на меѓународниот натпревар за пијано “Интерфест” Битола -2017, специјална прва награда на полифон конкурс во рамките на ФМУ Скопје – 2019, Специјална прва награда на меѓународен натпревар за пијано во Тетово – 2019, Специјална прва награда на меѓународниот натпревар “Охрид те сакам”- 2019, II награда на меѓународниот натпревар “Охридски бисери”-2020, I награда на меѓународниот натпревар “Полихимнија” Скопје-2021, Освоена Yamaha награда за најдобар пијанист при Факултетот за музичка уметност-2021
Во својата досегашна дејност Анастасија остварила многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Франција, Америка,Косово, Италија, Словенија,Србија.

Анастасија се усовршува на бројни мајсторски школи кај познати пијанисти: Олег Маршев,Сабина Хасанова, Бертранд Жиро, Лука Требеко и многу други. На репертоарот на Гичевска се наоѓаат дела на автори од сите музички епохи, активно пропагирајќи ги и делата на современите македонски композитори, во својата земја и надвор од неа.

Во 2021 година настапува како солист со Македонска филхармонија, редовно одржува рецитали, а активна е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

Оваа година Гичевска беше одбрана да биде дел од мастеркласот на познатиот пијанист Давид Фре на францускиот фестивал L’offrande Festivale.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ