(ИНТЕРВЈУ) СТРУМИЧАНЕЦОТ НИКОЛА СТОЈКОВ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР ИНСТАГРАМЏИЈА ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ, ПОГЛЕДЕТЕ ЗОШТО!

Никола Стојков има само 18 години и веќе наделку е познат по извонредниот талент за креирање модни дизајни.  Харизматичниот струмичанец освен што е веќе докажан во категоријата „освојување голем број женски срца“ , отсега ќе ни биде познат и како личност кај која треба да се обратиме доколку ни треба моден совет. За доста брзо време успеа да го привлече вниманието на голем број Инстаграм корисници, па така, кога тимот на Струмица Денес побара предлози за рубриката „Најдобар инстаграмџија на месецот“ , поштенското сандаче се исполни со пораки од читателите во кои мнозински беше спомнувано корисничкото име @nickystoy  

Никола годинава успешно го заокружи своето средно образование како матурант во струмичката гимназија и моментално се наоѓа во Швајцарија, каде ги совладува граматичките правила на францускиот јазик, потребен да се запише на саканите студии. Битката ќе се води меѓу архитектура и моден дизајн, но едно е сигурно – што и да избере како идна професија, ќе биде неоспорно добар во неа.

Искрен, енергичен и скромен – тоа се трите нешта кои први паѓаат во очи при разговор со Никола Стојков. Во продолжение, кратко интервју со талентираниот струмичанец и дел од фотографиите од неговиот Инстаграм профил. Уживајте.

Струмица Денес: Колку често црташ и што претставува најголема инспирација за тебе?

-Ова прашање е тешко да се одговори, затоа што цртањето не се мери во честота. Тука се во прашање желбата и инспирацијата, а инспирација грабам од секаде. Можам единствено да издвојам едно нешто што најмногу ме инспирира – позитивната енергија. Затоа што кога сум опкружен со позитивна енергија, имам мир кој ми дозволува да одлетам со мислите и да налетам на нови идеи во мојата фантазија.

Струмица Денес: Од која возраст сфати дека имаш талент и кога почна тој талент да го надоградуваш?

-За да сфатиш дека имаш талент за нешто, треба тоа некој да ти го каже, затоа што кога нешто правиш сам, мислиш дека е сосем нормално. Сепак, талентот во мене го препознаа моите пријатели на кои им го покажував сето она што го цртам, а тие секогаш беа импресионирани. Инаку, модни дизајни започнав да цртам пред околу една година, токму кога моите пријателки влегоа во еуфоријата: “Како ќе изгледа фустанот за матурската вечер?!“. Тогаш ги нацртав првите парчиња облека, но тие се сосем различни од убавината која денес знам да ја искористам и прикачам на лист. Токму тогаш сфатив дека тоа е тоа со кое сакам да се занимавам и дека можам се’ повеќе и повеќе да покажам.

Струмица Денес: Фактот дека поголемиот дел од нашите читатели те предложија тебе за најдобар инстаграмџија на месецот зборува за тоа дека си веќе афирмиран и познат по своите восхитувачки дизајни . Дали некогаш имаш размислувано тоа да претставува твоја животна професија?

-Да. Имам размислувано, но тоа не е ништо конечно.

Струмица Денес: Освен создавањето сензационални цртежи, дали постојат и некои други начини на коишто ја демонстрираш својата креативност (да речеме, дали црташ и други вид цртежи)?

-Да. Во зависност од инспирацијата со која сум опкружен.

Струмица Денес: Дали досега некој од твоите нацртани фустани ја доживеал неговота вистинска изработка и претставување пред јавноста?

-Досега ниеден од моите нацртани фустани ја нема доживеано неговата вистинска изработка, но да се надеваме на нешто такво.

Струмица Денес: Какви материјали користиш за подготовка на цртежите?

-Лист хартија, молив и дрвени боички.

Струмица Денес: Кои се твоите други хобија?

-Фотографирањето и читањето книги.

Струмица Денес: Дали постојат претставници од светската модна индустрија кои имаат влијание врз твојот стил на творење, но и облекување?

-Не. За мојот стил на облекување немам никакво надворешно влијание, едноставно го купувам тоа што ми се допаѓа. Истото се случува и со мојот стил на творење, го цртам тоа на кое налетувам во мојата фантазија.

Струмица Денес:На поголемиот дел од твоите цртежи се прикажани фасцинантни модели на фустани. Дали имаш модел на женска личност според која црташ и мислиш дека нејзините телесни пропорции најдобро би одговарале со природата на креацијата?

-Телесните пропорции на една жена не се мерка за фустанот кој таа сака да го облече. Се трудам да правам креации кои би одговарале на телото на секоја жена.

Струмица Денес: Дали сметаш дека во Македонија има задоволителен број модни куќи можат да понудат работни места на талентирани дизајнери како тебе?

-Не.

Струмица Денес: Колку облеката што ја носиме влијае при формирањето на мислење на другите за нас?

-Вистинскиот одговор на прашањето е да, но тоа воопшто не треба да биде така.

Струмица Денес:Кога би можел да бираш, на која позната личност би и’ бил главен моден стилист?

-Џенифер Лопез.

Струмица Денес: Дали сметаш дека твојот талент е наследен, и ако да, од кого?

-Да. Мојот талент е наследен од татко ми.

Струмица Денес:Дали според тебе, денешните модни трендови се подобри и поинтересни од трендовите кои владееја во текот на изминатава декада?

-Да. Сметам дека денешните модни трендови се далеку подобри од сите претходни.

Тимот на Струмица Денес му посакува многу успех и уште многу идеи за вакви прекрасни креации. Линк од неговиот профил можете да добиете тука.

Во тек е избирањето најдобар инстаграм профил за месец ноември. Имаш пријател кој треба да биде објавен? Пријави го во коментар или инбокс на фејсбук страната на Струмица Денес. Ве очекуваме!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ