ЈАНЕ КИРОВ: ЛЕКУВАМЕ ДЕЦА ПРЕКУ ПОРАКИ, ТЕНДЕРИ СЕ ДОДЕЛУВААТ ПРЕКУ НОЌ, А ПОЛИЦАЈЦИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ ОД ПИШУВАЊЕТО КАЗНА ШТОМ СЛУШНАТ „ЗНАЕШ ЛИ ТИ КОЈ СУМ ЈАС?“

февруари 5, 2020

ЗЕМЈА НА СПАКУВАНИ НАДЕЖИ!
Пишува: Јане Киров

Живееме во време на „модерна чума“ – овде младите интелектуалци секојдневно ги пакуваат своите надежи и се надеваат дека ќе им биде признаена дипломата во некоја од развиените земји, зошто тука реалноста е очајна, а времето е темно…И така, во време кога секое ново утро низ маалото се расширува муабет за ново иселено семејство..мене не ми е јасно, како оној малку народ што остана не може да се стави во ред.

Народот е свесен за се’- далеку од тоа дека сме закоравени во умот. Свесни сме дека децата во училиште ни ги учат учителки со купени дипломи и притоа, воопшто не не’ изненадува фактот дека 50% од младите ни се неписмени. Се намалува бројот на лекари, знаеме дека здравството нема „К“ од квалитет и одамна сме помирени со фактот дека ќе нема кој да ни пружи соодветна нега и помош кога ќе ни биде најпотребна. Не се криви ни лекарите – за 12 години напорно школување и постојана стресна работа земаат минимална плата. Друг дел од нив пак, бараат мито за извршување на најмала операција, па кога човек е на мака, ќе им фрли под рака надевајќи се на милост. Во спротивно, ќе нема кој да ти смени преврска. Ама не се криви ни тие, нема кој да им застане на патот кон бескрупулозноста. Брзата помош не е воопшто брза , соочени со недостиг на средства за работа, вработените се принудени да прават приоритетна распределба за каде побрзо да стигнат.

Деца се лекуваат преку пораки, тендери се доделуваат преку ноќ, полицајците се повлекуваат од пишувањето казна веднаш кога ќе ја слушнат волшебната реченица – „Знаеш ли ти кој сум јас?“ , а пензионерите едвај ја дочекуваат пензијата, зошто со неа треба да ги гледаат внуците. Расте бројот на социјални случаеви, на неисплатени заработки и вратени К-15, ама бележиме економски раст. Не дај боже да треба да се управуваш со документи во државна администрација – во поголемиот дел од случаевите тоа претставува една долга и исцрпувачка битка во која трчаш од врата на врата, нема кој да те упати, а оној кој зема плата за да ти ја заврши работата или не е на работа или пие кафе во некоја од соседните канцеларии.

Да, народот знае се’, но кога овие нешта се повторуваат континуирано, ова веќе станува секојдневие, нешто сосема нормално и вообичаено. Потиснат од неплатените сметки и трошоците кои растат, сите молчат да го зачуваат работното место што им задава главоболки. Човечкото достоинство се крши и се става на второ место кога станува збор за егзистенцијата. Народот тоне во депресија, разочарен е, па единствен вид на пројавен отпор се јавувањата во утринските емисии и коментарите на фејсбук. Без разлика од која партија очекувате да ве вработи и да ви ги оствари соништата, длабоко во себе знаете дека моменталната ситуација е таа. На народот му е преку глава, знае дека кој и да стигне на власт ќе го прави истото. Македонскиот народ знае дека власта не е во негови раце, како што треба да биде во секоја една демократска земја и сите ние знаеме дека идејата за добар живот под македонско небо веќе изгледа многу далечна.

Македонијо, дали конечно те домакедончивме?

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ