Perdormire
Култура

Апстрактната мистичност – препознатлив знак на големиот уметник од Струмица Ниче Василев!

Home

Ниче Василев е познат македонски сликар, чии дела несомнено будат различни емоции кај различни набљудувачи. Родум од село Дабиле, струмичко, успешно ќе го изоди патот кон успехот и заслужено ќе стане еден од плејадата на современите македонски уметници.

Роден е во 1948 година. Основно образование завршува во родното село, а образованието го продолжува како ученик во училиште за применета уметност во Скопје. Студиите ги продолжува на Националната академија  за ликовни уметности(отсек текстил) во Софија,Република Бугарија, а од  1974 студира во Варшава,Полска,на Академијата за ликовни уметности-отсек сликарство,во класата на проф.Лудвиг Мачонг.

Својата прва самостојна изложба ја  приредува година дена пред дипломирањето, во галеријата„Проксима“, во  организација на сојузот на студенти на Полска.

Есента 1978 година,како стипендист на Општина Струмица стапува на работа како сценограф во народниот театар во Струмица а подоцна како  професор во средните училишта во Струмица.

Во 1980 станува член на ДЛУМ. Случка од времето кога се разгледува неговата апликација за членство во Друштвото на ликовни уметници на Македонија, раскажа Георги Барбаровски во 2013 година, на отварањето на една од самостојните изложби на уметникот.

Бев завршен средношколец, кој сонуваше да биде уметник и планираше да се запише на штотуку отворената Ликовна академија во Скопје, кога членовите на ДЛУС (Друштво на ликовни уметници од Струмица), ја разгледуваа „молбата“ на штотуку завршениот сликар на варшавската академија – Ниче Василев. Ниче беше првиот академски сликар од Струмица… поточно беше од Дабиле, на само неколку чекори од градот.

– Нека донесе две свои слики, како што е редот, да видиме дали знае да црта… рече некој од сликарите.

– Како не ќе знае? Човекот дипломирал сликарство во Варшава? Зарем и него треба да го проверуваме?

– Тој може да заврши каде сака… но можеби не знае да црта. Тоа што е дипломиран, ќе му помогне да стане учителче… но за уметник, треба да знае да црта. Нека достави две свои платна, па ќе видиме… таков е редот. Кај нас не може секој. Ние си имаме ред!- рече уметникот.

Набргу, потоа Василев стана член на ДЛУМ… првиот струмичанец кој беше член на ДЛУМ.

Од таа далечна 1982, поминаа неколку децении, а колоритот, мотивите… стилот на Ниче Василев остана речиси непроменет, препознатлив.

– Неговите „дами“ се молчаливи“, насликани со само неколку потези… кажано со речникот на поезијата – со малку зборови, кажува многу“- рече Георги Барбаровски на отварањето на самостојната изложба на Ниче Василев, во фоајето на НУЦК Антон Панов во Струмица.

Во својата богата ликовна кариера има  добиено неколку награди и признанија, како:

  • Откупна награда на 17-от априлски салон во Добој 1974(Би Х),
  • Наградата за ликовна уметност во Варшава 1976;
  • Откупна награда-југословенски портрет,Тузла 1987(БиХ);
  • Наградата „Димитар Пандилов“ на ДЛУМ 2000 и 2008 година;
  • Наградата „Методија Ивановски-Менде“ КИЦ Скопје,2000
  • Наградата-највисоко општинско признание на Струмица за допринос во областа на културата (2004)
  • Наградата на  „Остен“ – светска галерија на цртеж ( 2012)

Во досегашнта уметничка дејност Ниче Василев има реализирано над 29 индивидуални изложби,почнувајки од 1977 година.Излагал во Варшава,Мадрид,Скопје,Крањ,Штип,Софија,Битола,Струмица,Шедлице –Полска,Анкара,Велес ,Штум-Барловице-Полска,Гевгелија и Груец.