ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО ТОМИ ПЕЧКОВ: ДА ДОЗНАЕМЕ НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ОПЕН ФЕСТ!

јули 14, 2019

Голем дел од активностите предвидени во долгата програма на овогодинешното издание на Струмица Опен Фест, се реализирани. Набрзо ќе почнат и последните подготовки за последните три дена од фестивалот, кои традиционално се најпосетувани. Во пресрет на подготовките, тимот на Струмица Денес подготвки кратко интервју со еден од главните организатори, Томи Печков.

Фестивалот скоро бележи една деценија од неговото одржување. Какво е чувството да се биде дел од организацијата на еден толку масовно посетуван фестивал? Какви искуства има стекнато и со какви проблеми се има соочено организацискиот тим во текот на годините? Колку месеци однапред се подготвувате?

ТОМИ ПЕЧКОВ: 
Да се биде дел од фестивал од вакви размери е истовремено чест и привилегија, но и огромна одговорност. Честа и привилегијата ни ја прават реномираните гости кои со задоволство го прифаќаат учеството. Од друга страна пак, безбедноста, чистотата и непречното функционирање на фестивалот се одговорност за организацискиот тим и службите. Од почетокот во 2012 година нашата цел беше настанот да прерасне во еден од најголемите фестивали во Македонија, но со свој идентитет. Искуството низ годините ни доаѓа токму преку предизвиците, проблемите, но и секојдневните контакти со луѓе од шоу-бизнисот и културниот сектор. Фестивалот се подготвува во текот на целата година со поголем интензитет од јануари до август. На крај, посетеноста на толку разновидни настани и врвната забава на илјадници посетители со музичките гости е показател дека трудот вреди.

Струмица Опен Фестивал се најавува како најуникатниот фестивалски концепт досега. Што е она што го издвојува нашиот фестивал од останатите кои се одржуваат во државата?

ТОМИ ПЕЧКОВ: 
Концептот на нашиот фестивал низ годините се променува, дополнува и проширува. Ланското најдолго фестивалско издание годинава доби уште едно проширување со спортската програма. Така СОФ 2019 стана „најмаратонското“ издание кое сме го имале досега. Нашиот фестивал се разликува првенствено по времетраењето, типот на настани кои се опфатени, програма за сите возрасти, масовноста, поддршката на локалните и домашни артисти. Се гордееме што годинава имаме 27 настани на кои учествуваат вкупно 42 домашни и 5 странски артисти.

Она што можеби најмногу ќе ги интересира нашите читатели е прашањето кој го прави изборот на пејачите кои гостуваат на големата музичка сцена во последните три дни од фестивалот? Дали тоа е заедничка одлука, ако да, кој се’ учествува во донесувањето на одлуката? Лесно ли оди договарањето со сите тие музички менеџери околу времето, денот на настапот и најважно – цената за истиот? Дали во иднина сте отворени за опција во која граѓаните директно учествуваат во изборот на музичките ѕвезди, преку некакви онлајн анкети или петиции?

ТОМИ ПЕЧКОВ:
Предлозите за програмата на СОФ се собираат од септември до јануари. Секогаш сме отворени за предлози и за вклучување во тимот за реализација на нови настани. Користиме повеќе канали за да дојдеме до една поопширна листа на настани и изведувачи. Тоа го правиме преку: следење на актуелните состојби со домашната и балканската сцена, консултации со спонзори, пријатели, предлози на проектниот тим и мислења на социјални мрежи кои ги добиваме од граѓаните.

Реално, публиката мошне малку знае дека компликациите се случуваат кога најбараните изведувачи треба да се поклопат со нашите можности. Низ годините наназад се обидуваме да ги добиеме најсоодветните изведувачи според најсоодветните услови за нивните настапи. Често се случува месец август да биде проблем за изведувачите заради нивните колективни одмори. Во 2014 година направивме масовна онлајн анкета на Фејсбук на која учество зедоа 3.000 граѓани. Ги разгледавме сите предложени изведувачи и во наредните пет години успеавме да обезбедиме 70% од нивните најчести предлози. Сметаме дека ваквите анкети треба да бидат спроведени на временско растојание од 4-5 години.

 

 

Од годините, фестивалот беше временски покомпактен – сите активности во склоп на Опен Фест се случуваа во временски интервал од десетина последователни дена. Последните две години фестивалот трае десет седмици, поради поголемата временска дистанца меѓу настаните. Што ги натера организаторите да ги закажат настаните на овој начин?

ТОМИ ПЕЧКОВ:
Проширувањето на програмата произлегува од нашата желба за побогато културно-уметничко и спортско лето во Струмица. Публиката сè уште е навикната на последователна програма, но со тој концепт наидовме на проблем со поклопувањето на термините на настаните. Кога има поголем број настани, а само 10 денови за нивна реализација, станува комплицирано за посетителите, но има и недостатоци од организациски аспект. Затоа годинава, под мотото „ритамот на градот“ имаме 33 дена фестивал. Досега се одржаа 8 настани, а следуваат уште 19. За потребите на фестивалот се ангажирани над 70 волонтери. Новитет за годинава беше поголемиот акцент на спортско-рекреативните активности во соработка со локалните спортски клубови. Дел од настаните имаат натпреварувачки карактер, а дел остануваат како повеќегодишна традиција за нашиот фестивал.

Кое издание на Струмица Опен Фест досега е најпосетувано и чии хитови беа главните „виновници“ за таа рекордна посетеност?

ТОМИ ПЕЧКОВ: 
Од година во година рушиме рекорди. Зголемената посетеност не се должи и не се мери само по ѕвездите туку и по бројот на настани, бројот на изведувачи. Струмица ОПЕН фестивал низ годините прераснува во бренд и луѓето веќе доаѓаат во Струмица поради фестивалот. Се трудиме секој да може да си најде нешто за свој вкус со две музички и уште пет отворени културно-уметнички сцени.

Со колкав буџет е организиран годинешниот фестивал годинава и дали очекувате рекордот на посетеност да биде надминат?

ТОМИ ПЕЧКОВ:
Финансиската конструкција за реализација на десетнеделната програма од осмото издание на СОФ 2019 изнесува 12.500.000 денари од кои 3.000.000 денари ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Струмица. Како и претходните седум изданија, освен со покровителство на Општина Струмица, Здружението „Културен забавен живот“ го реализира СОФ 2019 со помош и на генералните партнери Македонски Телеком, Пивара Скопје и Прилепска Пиварница. Забележителниот раст на фестивалот од година во година претставува уште поголем поттик за континуирано проширување на соработката и зголемување на поддршката за реализација на програмата од нашите партнери. Дополнително, манифестацијата се финансира од закуп на продажни штандови и рекламни простори, како и од општествено-одговорни компании кои ги поддржуваат заложбите на нашето здружение за збогатување на спортската, музичката и културна програма во нашиот град.

 

Годинава за првпат во склоп на фестивалот ќе се одржи вечер посветена на Тоше Проески, со изведби на Александра Јанева, Марко Логаут и Васил Гарванлиев. Од каде дојде идејата за овој трибјут? Колку часа струмичани ќе можат да уживаат во безвременските хитови на Тоше?

ТОМИ ПЕЧКОВ:

Нема да кријам дека нашиот тим веќе неколку години ја имаше желбата за ваква музичка вечер, но го немавме форматот. Од мај 2018 година Марко Логаут и Александра Јанева го креирале овој проект кој функционира низ повеќе градови во Македонија. Како организатори, предложивме нивното прво гостување во Струмица да биде токму на сцената на „Чешмичката“. На задоволство на публиката на овој настан ќе им се приклучи и струмичанецот Васил Гарванлиев. Нè очекува нешто помалку од 3-часовно уживање со хитовите на нашата најголемата музичка ѕвезда Тоше Проески.

До нашата редакција пристигнаа барања од читатели, според кои во програмата на фестивалот треба да се вратат настапите на stand-up комичарите. Факт е дека струмичкиот амфитеатар не можеше да ги собере сите вљубеници во хуморот..Дали во некоја од наредните години навистина може да очекуваме враќање на stand up комедиите ?

ТОМИ ПЕЧКОВ:

Паузата од stand-up комичарите беше направена за да не ја презаситиме публиката од таков тип настани. Во четири години во Струмица ги имавме сите најдобри македонски стенд ап комичари. Работиме на нова локација и нов концепт за настанот и се надеваме дека ќе профункционира на наредното издание на СОФ.

Како организатор, какви препораки би им дале на сите посетители?

ТОМИ ПЕЧКОВ:

Во текот на музичките концерти од 9 до 18 август важно е да бидеме добри домаќини. Тоа може да го покажаме ако не излегуваме со автомобилите за да има место за паркинг за гостите од другите градови. Важно е да се почитува и препознае потребата од посебен режим на сообраќај во текот на викендот кога е најмасовна посетеноста на фестивалот. Поради поставувањето на големи конструкции и од безбедносни причини и движењето по плоштадот ќе биде ограничено. Исто така, секоја година апелираме на фестивалскиот бон-тон: кога пиеш – пиј одговорно; не прскај со алкохол; ако пиеш – не вози; отпадот фрлај го во корпа за отпадоци и користете ги јавните WC-иња.

Огромна благодарност до соработката со СВР Струмица, ЈПКД „Комуналец“ и нивното одделение за чистота, како и одделот за електрично оддржување на ЈП „Паркиралишта“, ЕВН, ТППЕ Струмица. Благодарност и до сите волонтери, спонзори и други институции кои придонесуваа директно за непречено одвивање на фестивалот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: