ВИДЕО ПРИЛОГ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС: КАКО ИЗГЛЕДАШЕ ПОСЕТАТА НА ТИТО ВО СТРУМИЦА?

јули 14, 2019

Доживотниот претседател на некогашна Југославија, Тито, неретко обиколуваше населени места од широките граници на поранешната федеративна република. За време на посетите, честопати негова придружничка беше и првата дама, Јованка Броз.

Токму во јуни 1970 година Тито и Јованка Броз ќе ја посетат Струмица. Според тврдењата, подготовките за пречекот на највисокиот државник траеле повеќе од месец дена.

Единствената зачувана фотографија е направена на патот од Банско кон Муртино, a e oбјавена од Стара Струмица. Интересен е фактот, дека овој пат ќе биде направен за рекордно брзо време – во никој случај лимузината на Тито не смеела да помине низ неасфалтираниот пат. Целиот пат по којшто ќе поминат од двете страни бил одбележан со саксии цвеќе.

„Полицијата не дозволуваше никој да помине по патот. Децата со велосипеди се бркаа строго, а за автомобилите пак да не станува и збор. Имаше огромна толпа од луѓе кои стоеја покрај патот и го очекуваа пристигнувањето.“ – ќе напише еден очевидец

Со самото навлегување во градот, децата од сите струмички училишта со однапред подготвени буќети стоеле покрај патот и ги подарувале на двајцата големи гости. Се разбира дека обезбедувањето било големо – сите буќети однапред се прегледувале, па потоа се пренесувале во автомобилот.

Тито и сопругата задоволно мавтале и ги поздравувале домаќините, а децата со буќетите ги прегрнувале. Тито бил задоволен од приемот и изгледал среќно. На најблиските луѓе околу него насмеано им соопштил дека знае дека цвеќето само за сега, привремено е закопано во тие безброј саксии. Челниците црвенееле од срам.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ